Инџиковскиот канал извор на зараза и легло на змии и комарци

170

Отворениот атмосферски канал, што поминува низ населбата Ченто, и е познат како Инџиковски канал, е целиот обраснат со густа вегетација. Жителите што живеат покрај каналот се жалат дека се изложени на ризик бидејќи забележале дека се собираат змии и се чувствува лоша миризба, особено во летниот период. Од АД „Водостопанство“ – Подружница „Скопско поле“ за весникот ВЕЧЕР изјавија дека во согласност со нивната годишна програма чистењето на овој канал ќе се изврши на почеток на јуни, идниот месец. Последен пат каналот кој, исто како и сега беше обраснат со вегетација, се чистеше машински во текот на август и септември минатата година и беше исчистен во должина од 2.100 метри

Отворениот атмосферски канал, што поминува низ населбата Ченто и е познат како Инџиковски канал, е целиот обраснат со густа вегетација. Жителите кои живеат покрај каналот се жалат дека се изложени на ризик бидејќи забележале дека се собираат змии и се чувствува лоша миризба, особено во летниот период.

– Се плашиме за нашите деца кои поминуваат по патеките покрај каналот да не ги касне змија. Каналот е извор на зараза бидејќи во густата вегетација се размножуваат комарци. Ова е срам невиден, за три години само еднаш го исчистија, ама има избори во најава, па можеби ќе го исчистат – коментираат жители на Ченто и Инџиково.

Велат дека по соседска линија се организираат и самостојно го чистат делот од каналот што е во близина на нивните куќи. Повеќе пати се случувало во изминативе години, поради обилни дождови, каналот да се прелее и големи количества вода да стигнале до нивните куќи.

Ги прозиваат надлежните да извршат дезинфекција на каналот и прашуваат што се случи со идејата да се постави одводна цевка во каналот и потоа целосно да се покрие, иако им е познато дека каналот е сливник и во него се слева водата што е вишок од шахтите.

Од општина Гази Баба за весникот ВЕЧЕР информираа дека каналската мрежа е под ингеренции на АД „Водостопанство“ и во согласност со нивните оперативни планови за работа, тие вршат чистење на каналите и нивно косење.

– Каналите во општина Гази Баба редовно се чистат секоја година во целата нивна должина и апсолутно е неточна информацијата дека биле чистени само еднаш во овој период. Како и секоја година логистички во поддршка при чистењето на располагање се става и ЈКП „Гази Баба“, како општинско претпријатие. Исто така, општината има преземено акција за чистење на сите одводни канали и суводолици кои беа оштетени од поплавата во 2016 година, а подоцна дел се веќе претворени во диви депонии. Овие канали се исчистени и санирани за да може повторно да бидат во функција – велат од општина Гази Баба.

Од АД „Водостопанство“ – Подружница „Скопско поле“, за весникот ВЕЧЕР изјавија дека чистењето на овој канал е влезено во нивната годишна програма за одржување на каналската мрежа на овој хидромелиоративен систем.

– На 8 овој месец раководителот на Подружница „Скопско поле“ и директорот на ЈКП „Гази Баба“ излегоа на терен за увид на овој канал и договорено е во согласност со годишната програма да се пристапи кон негово чистење на почеток на јуни, идниот месец  – велат од АД „Водостопанство“.

Оттаму ги демантираат наводите на жителите на Ченто и Инџиково дека каналот не е одржуван последните три години.

– Одговорно тврдиме дека овие наводи не се точни. Овој канал, кој поминува низ населба Ченто (Инџиковски канал) и кој беше обраснат со вегетација, се чистеше машински во текот на август и септември минатата година и беше исчистен во должина од 2.100 метри, исто како и претходните години. На крајот на годината до општината доставуваме и извештај за реализација на Годишната програма и сработеното на каналската мрежа на територијата на Општина Гази Баба – велат од АД „Водостопанство“.

Напомнуваат дека не е можно да се направи дезинфекција на каналот бидејќи е одводен и водата која поминува од него се влева во течението на реката Вардар.

– Станува збор за канал од земјен тип, поради што изричито е забрането да се користат хемикалии, а земајќи го предвид земјиштето и реката Вардар за заштита од хемиско загадување – нагласуваат од „Водостопанство“.

Обилните врнежи во септември 2014 година го прелеале каналот во кој биле монтирани армиранобетонски цевки и големи количества вода стигнале до куќите и им ги поплавиле дворовите. Целата населба останала без струја бидејќи главниот кабел за електрична енергија минувал по каналот. Увидувајќи дека постојните цевки немаат соодветен пропустен капацитет, од Општина Гази Баба веднаш пристапиле кон отстранување на цевките во атмосферскиот канал во Ченто.

(С.Бл.) – Фото: П.Стојановски