ИНТЕРВЈУ СО ТИМЧО МУЦУНСКИ: Функционираме со реализирани проекти и дела, а не со демагогија и празни зборови!

1532

Проектите што ги ветуваше пред две години беа сериозни и амбициозни, за некого беа и нереални, но од разговорот со него добивме впечаток дека сериозно ја сфатил улогата дека градоначалниците треба да ги завршуваат обврските навреме и да го работат тоа за што биле гласани од илјадници граѓани. Станува збор за младиот и амбициозен, но искусен политичар, Тимчо Муцунски, кој е на чело на општина Аеродром и е потпретседател на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Со него разговаравме за двете поминати години од мандатот, за она што е реализирано, за идните планови, како и за очекувањата на неговата партија на наредните парламентарни избори, планирани за идната пролет.

* Проектите кои ги ветувавте пред две години за едни беа сериозни и амбициозни, за други нереални. Што реализиравте од тие проекти и би можеле ли да направите споредба каква беше општина Аеродром пред Вашето доаѓање, а како ја гледате сега?

– Најзначајно за мене е што добивме сериозна доверба од граѓаните да можеме да ги реализираме обврските што ги презедовме во текот на кампањата. Затекнавме општина без подготвени проекти и општина во која имаше административна нераспонзивност и по мене затекнавме општина која имаше култура на непочит кон јавните средства.

Првите најзначајни исчекори што ги направивме е промената на културата и начинот на којшто се однесуваме спрема институцијата општо. И тоа се некогаш симболични чекори што покажуваат како ние сметаме дека јавните институции треба да бидат третирани. Рековме дека градоначалникот нема да има средства за презентација и за патни трошоци, дека градоначалникот нема да користи службен телефон и службено возило. Не само за градоначалникот, истите правила ги воспоставивме и за претседателот на Советот, што е нешто што не се случило во општината од моментот на своето постоење. Да напоменам дека речиси цела година од нашиот мандат постојано примавме сметки за угостителски услуги, за користење на спа-центри од страна на претходната администрација. Секако таквите сметки не ги плативме од средствата на граѓаните, но таков бил односот спрема институцијата во минатото. И тоа е нешто што моравме да го промениме за да им покажеме на граѓаните дека целта на општината е да служи во нивниот интерес, а не во секојдневните интереси на луѓето што раководат со општината.

Го сменивме третманот кон урбанизмот. Веројатно сме рекордери по бројот на најмалку издадени дозволи за изградба на станбени згради. Пренаменивме многу локации на кои беа предвидени станбени згради во локации за паркови и зеленило и токму на една од тие клучни локации, зад ТЦ „Лиса“, во моментов се работи на изградба на нов парк и очекувам на почетокот на пролетта да добиеме парк од 6.000 квадратни метри.

Започнавме проект за нула корупција со поддршка на наши странски партнери, мислам на Фондацијата „Конрад Аденауер“, што значи дека многу работи тргнаа во позитивен посакуван правец и уште многу предизвици има пред нас. Но, ако го поставуваме прашањето што направивме во последните две години и низ низата на инфраструктурни вложувања, во изградба на нова детска градинка, многу средства дадени во инвестиција во градинки и во реновирање на основните училишта, тоа е огромен број – 11 спортски и 9 детски игралишта, односно многу повеќе од тоа што Владата има направено за целата држава.

Затоа, сметам дека постигнавме голем дел од целите, а таму каде што не ги постигнавме, беше, пред се, заради блокади од страна на централната власт. Но, тоа што е значајно, успеавме да ги подготвиме проектите и очекувам во 2024 година и тие проекти што останаа, да ги завршиме до крајот на нашиот мандат во 2025 година и со тоа да ја побиеме тезата дека ветувањата биле нереални.

*Веќе отворивте дел од прашањата кои сакам да ги разгледаме. Забележливо е дека во овие 2 години општина Аеродром инвестира во проекти за млади и унапредување на образовниот процес. Кажете ни подетално за кои проекти станува збор?

– Ние сакаме да функционираме врз основа на проекти и дела, а не врз основа на демагогија и збор. Јас ја давам споредбата, централната власт вели дека образованието треба да се дигитализира и тоа го става на хартија, но никаква инфраструктура не се нуди на младите да имате дигитализација на основното образование. Ние велиме, кога почнува дигитализацијата согласно курикулумот, а почнува во четврто одделение, добро, општината секоја година ќе обезбеди таблети за 4-одделенците, за да имаат алатка за дигитализација. Досега имаме набавено повеќе од 1.800 таблети и тоа е проект што ќе продолжи во следните години. Исто така, сите првоодделенчиња добиваат организирани бесплатни часови за пливање, а во проектот се вклучени и дечињата со попреченост.

Општина Аеродром за првпат од своето постоење од средства за дотации и трансфери, успева пола да ги намени за плати, а пола за сметки во училиштата и градинките. Покрај тоа, успеваме да издвоиме средства за реновирање и реконструкција. И покрај препреките и предизвиците, не се жалиме, бидејќи не сме избрани за да се жалиме. Наша обврска е да овозможиме дечињата во Аеродром да имаат најдобар образовен процес, да има најиновативни вложувања и како што е примерот со бесплатните таблети и со организираното пливање. Тие се доказ дека ако некој води грижа во нашата држава за развојот на младите, за нивното психофизичко здравје, без никаков сомнеж предводник во Македонија е општината Аеродром.

*Кога би направиле компарација на централните и локалните политики во овие области што ги посочив, како и во унапредувањето на животот на жителите на Аеродром, што би нотирале?

– Кога ќе направите споредба ќе видите, од едната страна на централната власт има многу ветувања на хартија. Јас ја направив таа споредба на програмата на СДСМ за последните парламентарни избори која потоа се преточи во програма на Владата, каде што има многу конкретни ветувања за Аеродром, ветувања од централната власт дека таа ќе изгради градинки во Аеродром, дека таа ќе изгради гимназија во Аеродром, дека ќе изгради иновациски и хаб за млади, дека ќе вложи во реконструкција на одредени патишта и улици во Аеродром. И кога ќе ја видите таа споредба што ветила оваа Влада за Аеродром и што релизирала до 2024 година, бидејќи тоа е влада која заради формирањето на техничката влада, има уште ден месец од својот мандат, ќе видите многу ветувања на хартија и ништо од тоа што е ветено.

Сепак, ние го знаеме патот, го знаеме начинот и убеден сум дека сето тоа што е ветено од наша страна нема да остане на хартија, туку ќе биде реализирано на дело.

*Аеродром е првата општина во Македонија каде се реализира проектот ”Rolling Together“. Исто така, дел сте од кампањата за подигање на свеста за сузбивање на врсничкото насилство. Кои се плановите во образовната инфраструктура за следниот период?

– Во делот на образовната инфраструктура продолжуваме со тековното одржување и реконструкција на училиштата. Планираме две поголеми инфраструктурни вложувања, поточно две доградби на основните училишта, „Блаже Конески“ и во Горно Лисиче на училиштето „Гоце Делчев“, со што бројот на училници ќе биде доста зголемен.

Се соочуваме со една негативна и непријатна состојба во општеството, на зголемен степен на агресија и вандализмот која се чувствува и во општината. Често ни се случува да изградиме некој нов објект и во неколку дена потоа да го видиме вандализиран. Пред околу еден месец имаше случај каде што во една иста вечер беа вандализирани три детски игралишта. Се трудиме да влијаеме на подобрување на состојбите, со цел младите да растат во функционална средина, нивните наставници да ги имаат најдобрите услови за работа.

”Rolling Together“ е проект насочен кон инклузивност на децата со попреченост, а е инициран од Саша Димитриевиќ, еден одличен тренер по физичко образование од нашата општина. Целта на проектот е да се поддржи првата македонска репрезентација која што игра кошарка на овој начин. Со проектот ја спојуваме репрезентацијата со сите основци за и тие, да учествуваат во играта и истовремено да ги видат тешкотиите со кои се сочуваат лицата со попреченост. Бидејќи не можеме да бидеме општество кое гради инклузивност доколку не ги разбере предизвиците. Тоа е еден многу позитивен проект кој според мене има и пошироки национални димензии.

*Деновиве е усвоен Урбанистичкиот план за Долно Лисиче кој се однесува за руралниот дел на општината. Што се предвидува со него и како се справувате со урбанистичкиот терор на кој беше изложена општината во минатото?

– Жителите на Долно Лисиче бараа урбанистичкиот план повеќе од 30 години, бидејќи со него се регулираат имотно-правните состојби, се дозволува легализација на семејни домови, а истовремено нам, како општина ни го отвора патот за да реализираме две крупни капитални ветувања во тој дел од општината. Тоа е изградба на спортска сала кај подрачното училиште во Долно Лисиче, но и изградба на детска градинка. Тоа е голем успех на нашата општина. Долно Лисиче е едно од населените места каде периодов имаме повеќе вложувања. Неодамна отворивме нова локација за спорт и рекреација, позната како „Чатал“. После 16 години се врши детална реконструкција на подрачното училиште кое го затекнавме во прилично лоша состојба.

Пред две години, ветивме хумана урбанизација. А тоа значи помалку одобренија за градба, но поради ужасниот систем на финансирање на локалната самоуправа, кој што во моментот е направен да биде таков да зависи од приходи од комуналии, тоа предизвика и намалување на приходите на општината. Но, подготвени сме да се соочиме со тој предизвик. Таму каде што носиме урбанистички планови или каде што имаме за цел да донесеме нови, практикуваме нешто што е доста нетипично, а тоа е одржување на голем број јавни анкети, а тоа се примени и во планот за Долно Лисиче. Да појаснам, правиме по две, три, некогаш и по четири јавни анкети, пред се, за граѓаните да имаат активен инпут во средината во која функционираат. Тоа не било пракса во минатото.

Има и неколку донесени урбанистички планови кои создаваат сериозни последици во активно функционирање на општината. Пример за тоа е еден од тие фамозни ДУП-ови во Стар Аеродром кој ден-денес создава проблеми со паркинзи, не се предвидени локации за контејнери за отпад, па истите ќе ги видат граѓаните на улиците. По мене, тоа се урбанистички планови што се правени без концепт, можеби се законити, не можам да ја спорам законитоста на истите, но можам да кажам дека се далеку од хуман модел на живеење на една општина. Моите претходници не мислеле како ќе изгледа нивната реализација, а тие за моменталното раководство на општината создаваат големи тешкотии во делот на инфраструктурата. Но, секогаш бараме иновативни и соодветни начини да се справиме со тие тешкотии.

*Освен што сте градоначалник, Вие сте и потпретседател на најголемата опозициска партија во државата, ВМРО-ДПМНЕ. Кои се Вашите очекувања од изборите што ќе следат и кои ќе бидат приоритетите доколку станете и централна власт во државата?

– Прво, очекуваме изборите да поминат во фер и демократска атмосфера. Секако ние како политички субјект сме длабоко уверени дека ќе добиеме голема поддршка од граѓаните. Таа поддршка ја очекуваме врз основа на добрата програма која ја нудиме, но и со добрата кадровска понуда. На локално ниво тоа што го докажавме заедно со колегите градоначалници е дека го менуваме начинот на работење. Очекуваме таков пристап во делот на централната власт. Фокусот наш треба да биде на реалните предизвици и проблеми. Состојбите поврзани со криминалот и корупција, насушната потреба од реформата на нашиот здравствен и образовен систем, потребата од реформи во делот на земјоделието каде што Македонија треба да биде и регионален лидер. Повторно да ја отвориме дискусијата за привлекување странски директни инвестиции (гринфилд и браунфилд) што ќе отворат висококвалификувани работни места. Конечно да направиме нешто со реформата во јавната администрација која ни се покажува како страшно нефункционална, пред сè, бидејќи најавите за реформи на истата беа фокусирани на хартија и ништо на дело. И многу клучно и значајно во делот на надворешната политика и европските интеграции, да бидеме земја која е кредибилен партнер во рамките на НАТО, да бидеме земја која претендира да биде земја членка на ЕУ и да има успешен евроинтеграциски процес. Да бидеме земја што примерно ќе си го заштити своето национално достоинство и што ќе работи на зачувување на интегритетот на жителите на оваа држава.

Така што очекувам нашата програма да биде конкретна, со многу проекти и многу насочена кон работата на локалната самоуправа. За прв пат ќе предвидиме конкретна методологија по која единиците на локална самоуправа, согласно бројот на жители во нивната општина, ќе добиваат директни трансфери од централната власт наменети за капитални инвестиции.

Така да, има многу планови, пред се насоченост кон реализација на проекти, враќање на една нормалност во нашата држава. Ставање крај на оваа тензија и негативна енергија што се создаде во последните шест-седум години и да имаме што побогати граѓани, да имаме што повисок стандард. Во моментов, за жал имаме рекордно висок буџет, но рекордно сиромашни граѓани, практично имаме богата држава со сиромашни граѓани. А концептот треба да биде, државен буџет што рационално ќе се троши и ќе биде насочен кон раздвижување на економијата,  на претприемништвото, предвидлива даночна политика и сето тоа што е потребно да имаме и функционална пазарна економија и функционална држава.

*На прагот сме на новата година. Кажете ни нешто повеќе за подготовките за новогодишно украсување на општината?

– Во првите две години од нашиот мандат заради таквата енергетска и економска криза моравме многу да штедиме. Не дека и сега не штедиме, но донесовме проценка дека е потребно да инвестираме во претпразничниот период, насочена кон создавање на една попозитивна и поведра атмосфера во нашата општина. Деновиве почнуваме со новогодишно украсување на локации што се под надлежност на општина Аеродром (Паркот „Авионче“, Детската улица „Тоше Проески“, Паркот „Јане Сандански“ улица „Островска“) и на други локации на територијата на општината. Ќе организираме и предновогодишен базар кај Паркот „Авионче“, кој ќе биде фокусиран на промоција на македонско вино, ќе настапат голем број уметници, најголем дел домашни, локални уметници, што значи дека со скромните средства што ги имаме на располагање ќе дадеме свој инпут за новогодишните празници да бидат поубави и поведри, во празнична атмосфера.

Светлана БЛАЖЕВСКА – Фото: Петр Стојановски