Ивица Коневски: Мицкоски е единствениот одговорен за поразите на ВМРО-ДПМНЕ

54

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски е единствениот одговорен за изборните порази на партијата, изјави поранешниот градоначалник на Аеродром Ивица Коневски.

Во гостување на Топ Тема на телевизија Телма, Коневски, кој е еден од најистакнатите претставници на Инцијативниот одбор за свикување на вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ, потенцира дека оваа иницијатива добива се поголема подршка меѓу партиското членство.

– Прашањето веќе е или тој или партијата. (Мицкоски) Знае дека ја има изгубено довербата кај делегатите што го гласаа, знае дека треба да излезе пред нив и да им се заблагодари за подршката и да ги презентира сите аргументи кои доведоа до пораз на изборите, истакна Коневски, додавајќи оти е оптимист за одржување на вонреден Конгрес на партијата.

Тој нагласи дека не брзаат со свикување на Конгресот затоа што сакаат да го почекаат завршувањето на локалните избори во Штип и Пласница, за да не му понудат на Мицкоски уште едно алиби за евентуален неуспех.

– Ние имаме можност да го свикаме, но целта ни е да ги обединиме сите, иако со две третини од делегатите можеме да организираме Конгрес, и да ги собереме сите и тоа да биде свечен чин, вели Коневски.

Тој вели дека засега нема амбиции да биде нов лидер на ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека сега е битно да дојде до повторно обединување на разединетата партија.