Портпаролката на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова, иронично ја коментираше изјавата на координаторот за стратешки комуникации на Советот за национална безбедност Џон Кирби за воена помош за Украина.
Имено, Кирби изјавил дека „САД имаат рок до крајот на годината пред да им стане многу тешко да продолжат да го поддржуваат Киев, а крајот доаѓа наскоро“.
„Белата куќа призна дека е тешко да се поддржи Киев без одобрение од Конгресот. Часовникот ќе чука полноќ, а ‘Пепелашка’ ќе се претвори во тиква? – напиша Захарова на Телеграм.
Гласањето во Сенатот за финансирањето на Украина ќе се одржи најдоцна на 11 декември. Сепак, поради политички несогласувања, тој може да биде одложен.
Претходно, заменик портпаролот на Пентагон, Сабрина Синг изјави дека САД продолжуваат да ја снабдуваат Украина со оружје во рамките на одобрениот воен буџет, но дека овие средства веќе се при крај.