Епилог на хаосот во Будимпешта, УЕФА покренува постапки против Мурињо, Рома и Севиља!

423
Фото: EPA-EFE/ANNA SZILAGYI

Европскиот фудбалски сојуз УЕФА денеска покрена дисциплинска постапка против тренерот на Рома, Жозе Мурињо поради навреда на судијата Ентони Тејлор откако неговиот тим беше поразен во финалето на Лига Европа од Севиља.

Во средата вечерта во Будимпешта, Рома загуби од Севиља во финалето на Лига Европа по изведување пенали, а по натпреварот Мурињо најпрвин остро го критикуваше Тејлор на прес-конференцијата, а потоа го чекаше на паркингот на стадионот и го навредуваше.

Португалецот повеќепати пцуеше и рече „срамота“ пред судиите да влезат во автобусот.

Во текот на натпреварот Мурињо доби жолт картон поради неспортско однесување, а Тејлор постојано ги предупредуваше екипите и играчите на клупата, бидејќи четвртиот судија Мајкл Оливер не успеа да ја одржи контролата.

Покрај тоа, судијата Тејлор и неговото семејство подоцна беа малтретирани и навредувани од група навивачи на Рома на аеродромот во Будимпешта, но УЕФА тоа нема да го земе предвид бидејќи нејзината јурисдикција завршува на стадионот.

УЕФА, покрај постапките против Мурињо, покрена постапка и против двата клуба за голем број прекршоци, вклучително и навлегување на теренот, фрлање пиротехнички средства и несоодветно однесување од страна на тимовите.

Во особено тензичното финале во Лига Европа кое траеше повеќе од три часа, судијата Тејлор им покажа 13 жолти картони на играчите, што е најмногу на еден натпревар во Лига Европа. Седум од нив ги освоија играчите на Рома, што е рекорд за финалето.

Тој во текот на двете полувремиња надополни повеќе од 25 минути, поради доцнење и повреди на играчите.

УЕФА не посочи кога дисциплинската комисија ќе одлучува за овие случаи.