Турската авиокомпанија „Саутвајнд Ерлајнс“ доби забрана да лета во воздушниот простор на Европската унија. Пред неколку дена тоа го стори и финската Агенција за транспорт и врски која ја извести „Саутвајнд“ дека не може да и дозволи на авиокомпанијата да има летови до Финска.
Агенцијата утврдила дека значителна сопственост и ефективна контрола врз авиокомпанијата немаат државјани на Турција, како што се бара со важечкиот Договор за воздушни услуги, односно сомнежите се дека таа е во сопственост на руски ентитети. Со тоа, сметаат од финската Агенција за транспорт и врски, операциите на авиокомпанијата нема да бидат во согласност со Регулативата за санкции на Советот на ЕУ.
Оваа авиокомпанија во летниот период од Скопскиот аеродром организираше чартер летови за Анталија и нема забрана за летање од Македонија. Од авиокомпанијата планираат во мај повторно да се активираат во Македонија.
„Саутвајнд Ерлајнс“ е формирана во април 2022 година, а главната база и седиштето на авиокомпанијата се во Анталија. Летовите за Русија започнаа во август истата година, додека Германија беше додадена на нејзината мрежа еден месец подоцна. Авиокомпанијата е поврзана со рускиот тур-оператор „Пегас Туристик“ со цел да ја спречи загубата на руските туристи кои доаѓаат во Турција по руската инвазија на Украина.
Чартер летовите за Германија започнаа во септември 2022 година. Во февруари 2023 година, авиокомпанијата објави дека планира да носи туристи во Анталија од 16 руски градови во текот на летната сезона.
Во февруари, ЕУ и САД воведоа уште еден сет на санкции против Русија кои беа насочени кон различни ентитети во неколку земји, вклучително и Турција. Вкупно 16 турски компании беа санкционирани поради наводно олеснување на транзитот на стоки со двојна употреба што може да ги користи руската војска.
(С.Бл.)