Голем скандал ја потресе Америка, бејзбол-ѕвездата Фернандо Татис Јуниор (23) падна на допинг-тест. Човекот што потпиша 14-годишен договор вреден 340 милиони долари со Сан Диего Падрес, е суспендиран на дури 80 натпревари.

По рутинска допинг-контрола, беше откриено дека користел „клостебол“, супстанција која е на забранетата листа и за која се вели дека може да го „подигне ефектот на спортистот“.

– Имав проблем со габична инфекција, земав лек што ја содржеше споменатата супстанција. Не го правев тоа намерно. Требаше да го проверам сето тоа пред да го користам, не го направив и јас сум виновен. Сакам да им се извинам на целото семејство Падрес, на организацијата, соиграчите, навивачите. Немам оправдување за мојата грешка. Само сакам сите да знаат дека никогаш не би изневерил, толку многу ја сакам оваа игра и не би направил вакво непочитување. Сите мои претходни резултати од тестот беа негативни – рече Татис.

Фернандо е роден во Доминиканската Република и е во клубот од 2019 година. Тој минатата сезона беше дел од ол-стар тимот и многумина му предвидуваа светла иднина. Впрочем, договорот од 340 милиони го докажува тоа.

– Уништен сум! Нема место на светот каде што би сакал повеќе да бидам отколку на теренот. Размислував да поднесам жалба, но сфатив дека сето тоа е моја вина, па решив да не го правам тоа. Ќе почнам да ја отслужувам мојата казна – рече Татис Јуниор.

Ова значи дека Фернандо ќе ги пропушти преостанатите 48 натпревари оваа сезона и 32 натпревари во следната. Доколку неговите соиграчи се квалификуваат во плејофот, тој може да се врати на теренот малку порано следната година.