Во Охрид летово нема ни велосипед каде да се паркира

Охрид блесна во својот полн сјај со зголемување на бројот на српски и на албански гости за 20 отсто во споредба со 2019 година, како и на туристите од Полска, Холандија, Турција, Израел, Англија, Косово, Грција, кои се помногубројни од 2021 година. Освен приватните сместувалишта, летово и во хотелите тешко можеше да се најде празно место, а во градот летово нема ни место каде да се паркира велосипед

337

Летната туристичка сезона во Охрид е во полн ек и покрај домашни туристи, има и туристи од регионот, од Полска, Холандија, Турција, Израел, Англија, Косово, Грција… Освен приватните сместувалишта, летово и во хотелите тешко можеше да се најде сместување, а во градот летово нема ни место каде да се паркира велосипед. Повисоките цени за 20 до 30 отсто, сепак, не ги спречија туристите да го посетат Охрид летово.

Претседателот на Хотелската асоцијација на Македонија, Крсте Блажевски, вели дека Охрид годинава ја живее најдобрата туристичка сезона по пандемијата. Традиционалните странски туристи се вратија, а освен домашни гости и гости од регионот, летово имаше и многу наши иселеници од дијаспората.

– Охрид ја живее најдобрата туристичка сезона по пандемијата. Во градот, летово нема место каде да се паркира велосипед. Освен домашни туристи, има и наши иселеници од дијаспората, туристи од Холандија, Полска, Турција… како и кружни тури од регионот Србија, Бугарија и Албанија. За изнајмување хотелска соба во висока сезона, цените се движеа околу 50 евра за лице за полн пансион, а за 2 Август се качија и до 70 евра за лице. За празникот секогаш е полно и сопствениците на сместувачките капацитети ги качуваат цените. Но, тоа е нормално, секако, нема да ги качиме цените во септември и во октомври, кога нема гости – изјави Блажевски за ВЕЧЕР.

Тој додава дека цените во Охрид годинава се зголемени за 20 до 30 отсто, поради зголемените цени на храната и на енергенсите, но за разлика од хотелите во регионот, кај нас и не се толку високи.

И директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Љупчо Јаневски, вели дека според статистичките податоци, туризмот закрепнува со брзина многу поголема од очекуваната.

– Напорно се работеше за веќе во март годинава да објавиме дека се очекуваат 120-130 чартери од повеќе странски тур-оператори на охридскиот аеродром, за сезоната која започна во мај со првите чартери од ТУИ – Холандија. Зголемен број дестинации од кои се сервисира и од кои дочекуваме гости во Охрид и во Македонија, и верувам дека поставената цел од 2,6 милиони ноќевања е возможна како и 400 милиони долари од туризмот годинава. Охрид блесна во својот полн сјај со зголемување на бројот на српски и на албански гости за 20 отсто од 2019 година, како и на туристите од Полска, Холандија, Турција, Израел, Англија, Косово, Грција, кои се помногубројни од 2021 година – изјави Јаневски за ВЕЧЕР.

Тој очекува намалено темпо на сезоната во нашите туристички места длабоко во септември.

– Веќе се најавуваат тур-оператори кои започнуваат свои операции во 2023 за нашата земја и очекувам доколку остане оваа состојба, на секое поле да ги надминеме бројките од 2019 година со зголемен број ноќевања во градските средини, кои најмногу беа погодени со пандемијата. За да се оствари ова, нè очекува реструктуирање на македонскиот туристички сектор, како што е препорачано од Советот во АППТ и од поголемиот број туристички комори, здруженија и асоцијации – вели Јаневски.

Туристичките работници се задоволни од туристичката сезона годинава. Велат дека се враќаат туристите, а потврда за тоа се многубројните гости што летово можеа да се видат на плажите, во кафулињата и низ чаршијата.

– Освен со организирани тури, дел од странските туристи се дојдени на летување во сопствена режија. Имаме гости од Србија, Црна Гора, Холандија, Полска… До крајот на август, сè е резервирано. Покрај туристите од регионот, годинава дојдоа и странските туристи – изјави Бошко Дамоски, сопственик на вилата „Антигона“.

И угостителите се задовoлни што, по долго време, ги примија странските туристи во Охрид, кои поради ковид-пандемијата, повеќе од една година ги немаше на охридско-струшката ривиера. Се надеваат дека нема да биде како претходните години и дека во Охрид повторно ќе има гости до крајот на октомври.

(А.С.)