Францускиот тенисер Беноа Пер имаше шокантен потег на САД опен, за кој зборува цел свет. Тој си ги спакува куферите во првото коло на грен-слемот во Њујорк уште пред да заврши мечот против Камерон Нори.
Британецот славеше убедливо со 6:0; 7:6; 6:0, пред сè, благодарение на ноншалантната партија на Пер, кој повеќе се глупираше отколку што играше.
Првиот сет што го доби Нори со 6:0 траеше 18 минути, а третиот само минута подолго. Само вториот сет беше колку-толку возбудлив.
При резултат 0:5 во третиот сет, Пер толку многу брзаше што ги спакува куферите и беше подготвен што побрзо да го напушти теренот, без разлика што имаше уште еден гем.
Така, за настап од 98 минути, тој ќе добие 115.000 евра, значи нешто повеќе од 1.000 евра за минута помината на теренот. И повеќе од одлична заработка!
Пер е познат по тоа што редовно се глупира на натпреварите, а сега постои можност организаторите на САД опен да му ја одземат паричната награда за намерно откажување од мечот.
- Беше навистина жешко и, можеби, затоа во третиот сет ги скратуваше поените – колегијално го бранеше Нори својот противник.
Во 2021 година, Пер забележа само четири победи. По натпреварот, тој изјави дека воопшто не сака да биде на теренот.
- Не е лесно од почетокот на годината. Во моментов се чувствувам лошо. Ова беше само мала пауза меѓу моите одмори. Направив сè што можев. Водев со 5:3 во вториот сет. Тоа требаше да биде доволно за да го освојам, но демоните повторно ми се вратија во глава. Потоа почнаа двојните грешки. Секогаш исто – истакна контроверзниот Пер.
Љубителите на тенисот веднаш почнаа да го критикуваат за однесувањето, но тешко е да се поверува дека тоа ќе влијае на него, кој нетрпеливо чека исплата од над 100.000 евра.