Легендарниот Мајк Тајсон, кој важи за еден од најдобрите боксери на сите времиња, очигледно има здравствени проблеми.

Неодамна беше забележан во инвалидска количка и тоа веднаш предизвика голема загриженост. Поранешниот шампион, кој последен пат беше виден во рингот на крајот на 2020 година за време на егзибициониот меч со Рој Џонс Јуниор, реши да зборува за ова и за своето здравје.

Мајк изгледаше фантастично пред две години за време на споменатата борба, но сега ситуацијата загрижува. Последниве месеци се обидува да се одржи и да биде фит, но очигледно е дека легендата тешко застанува на нозе.

Пред неколку дена беше виден во инвалидска количка на аеродромот во Мајами. Оваа ситуација загрижи многумина бидејќи никој не се ни сомневаше дека поранешниот боксер има здравствени проблеми.

Во емисијата „Њузмакс“ 56-годишниот Тајсон проговори за својата моментална ситуација. Тој не криеше дека има сериозен проблем.

  • Имам ишијас и го имам тој проблем од време на време. Кога ќе се појави, не можам ни да зборувам! Фала богу тоа е единствениот здравствен проблем што го имам, вели Тајсон, кој не ретко може да се види со пура и марихуана во раката.

И покрај неговите години, боксерската легенда сè уште е барана и поканета на борби за огромна сума пари. Американецот, пак, смета дека последната егзибициска борба требало да биде само за забава и дека не го интересираат следните борби.

  • Момците сакаат да се борат со мене за 100 милиони долари, но мислам дека никогаш повеќе нема да направам нешто слично. Сакав да го направам тоа само за забава. Потоа некои го подигнаа на друго ниво и сакаа да влезам во рингот поради финансиски причини, но забавата заврши, објаснува „Челичниот“.