EPA/VALDRIN XHEMAJ

Екипата на Мерцедес повторно е далеку од Ред Бул кога е во прашање борбата за шампионската титула во Формула 1, барем според првата трка сезонава, но тоа не го демотивира седумкратниот шампион Луис Хамилтон, кој изјави дека не планира да го напушти германскиот тим и дека неговите инженери ќе мора да донесат храбри одлуки за да се вратат на самиот врв.

  • Не планирам да заминам. Понекогаш не се согласувате со некој член на тимот, но она што е важно е да продолжите да комуницирате, истакнал Хамилтон пред новинарите во Џеда, а пишува „Скај спортс“.

Мерцедес имаше тешка сезона минатата година и беше далеку зад болидите на Ред Бул и Ферари, а првата трка оваа сезона, во Бахреин, Хамилтон заврши на петтото место, додека неговиот тимски колега Џорџ Расел на седмото место.

  • Кога првпат го возите болидот, веќе почнувате да ја преиспитувате сезоната бидејќи сфаќате повеќе предизвици со кои ќе се соочите. Имаме сличен менталитет како минатата година, се трудиме да останеме позитивни и секако дека е шок кога откривате дека болидот не е онаков каков што сакате да биде. Но, сите работат на решенија и јас имам 100 отсто доверба во сите, не ја губите наеднаш способноста да правите одлични болиди, изјави Хамилтон.

Тој исто така беше прашан и дали размислува да не се натпреварува во Саудиска Арабија, по минатогодишните безбедносни проблеми. Истото прашање им беше поставено и на останатите возачи, кои рекоа дека имаат доверба во Формула 1 и дека се среќни што се таму.

  • Немам многу да додадам, но мислам дека е спротивно од сè што кажаа. Да не бев тука, Формула 1 ќе продолжеше и без мене, па затоа се трудам да учам колку што можам повеќе кога доаѓам на различни места. Доаѓајќи на места каде што има проблеми со човековите права, како ова, мислам дека спортот има обврска да се подигне свеста и да се обиде да остави позитивно влијание и мислам дека треба да направи повеќе. Ги немам сите одговори, но секогаш треба да се трудиме да направиме повеќе за да ја подигнеме свеста за работите со кои луѓето се борат, заврши Хамилтон.

Трката за Големата награда на Саудиска Арабија ќе се вози в недела.