Поради топлотниот бран во Аргентина, училиште им дозволи на учениците да доаѓаат на часови во костими за капење

113

Поради топлотниот удар што зафати неколку региони на Аргентина, училиштето во градот Росарио донело во најмала рака необична одлука – учениците од пониските одделенија можат да доаѓаат на училиште во костими за капење и да се прскаат со вода за време на паузата, објавија локалните медиуми.

Топлотен бран веќе две недели владее со провинцијата Буенос Аирес, како и со неколку други провинции во централниот север на Аргентина, создавајќи бескрајно лето и соборувајќи ги температурните рекорди. Ова е најжешкото лето од почетокот на мерењата во 1906 година во Буенос Аирес, односно најтопло од 1961 година на ниво на целата земја.

Голем број училишта минатата недела ја прекинаа наставата поради горештините, бидејќи голем дел од нив не се опремени со климатизери и деновиве чекаат да падне температурата.

Но, училиште во Росарио, град на 310 километри од Буенос Аирес, не може да користи клима поради низок напон, па одлучи да ја прекине наставата во средните училишта.

Проблемот, пак, е покомплексен кај децата од одделенска настава, кои не можат да останат сами дома бидејќи нивните родители работат, па затоа училиштето дошло до решение.

„Одлучивме учениците кои сакаат да го следат часот во костим за капење и сандали и со себе да имаат пешкир и облека за пресоблекување. Одморот ќе го поминат под сенка, а не на сонце, и можат да се полеваат со вода од цревото за да се разладат“, напишала управата во писмото до родителите, како што пренесува Ла Капитал, дневен весник од Росарио.

Ве повикуваме да ја погледнете одлуката од гледна точка на наставата, изјави директорката на училиштето Маријан Санчез.

„Никогаш не сме виделе ваква жештина и училиштето е должно да одговори на тоа“, нагласи таа и додаде дека не треба да се грижат, бидејќи училиштето ќе се погрижи водата да не се троши, па наставниците ќе ги „ладат децата во групи“.