За Македонија, како најнова членка на НАТО Алијансата партнерството со САД, како и зачувувањето на безбедноста и стабилноста на Западен Балкан е од врвен приоритет. Западен Балкан е регион од стратешко значење за НАТО, порача вицепремиерката за политики за добро владеење, Славица Грковска, во обраќањето во Вашингтон, на панелот „Како да се спротивставиме на руското и кинеското влијание на Западен Балкан“, во организација на меѓународната независна Трансатлантската мрежа на лидери.
Како што се наведува во соопштението, Грковска нагласи дека е неопходна силна определба и упорност, независно од тоа што и Македонија, како и останатите земји од регионот е изложена на руско влијание.
За да се намали и спречи ваквото влијание, додаде вицепремиерката Грковска, важно е државите да ги негуваат демократските вредности, да го промовираат и унапредуваат владеењето на правото, еднаквоста пред законите, како и доследно да ги имплементираат принципите на доброто владеење.
Вицепремиерката порача дека силна економија во ЕУ значи стабилен регион. А тоа не можеме да го постигнеме без поддршката од САД, се посочува во соопштението од владината прес-служба.