Софија ќе ги обелодени имињата- кои се Македонците со бугарски пасош?!

Измените во Законот за бугарско државјанство со кои јавно ќе биде објавен регистарот на сите лица што имаат бугарски пасош, го поминаа првото читање во бугарското Собрание. Се очекува измените да бидат брзо усвоени, по второто читење на законските измени. Бугарскиот европарламентарец Андреј Ковачев, кој е познат по своите антимакедонски ставови, најавува дека јавно ќе бидат познати над 120.000 македонски Бугари, кои се стекнале со бугарско државјанство во последните 22 години, меѓу кои има и многу поранешни и сегашни политичари, пратеници, министри, градоначалници, раководители на сектори, раководители на партии, сопственици на медиуми и телевизии, новинари, коментатори... Тој се надева дека тие, како и нивните семејства, ќе бидат јавно заштитени од омразата, говорот и дискриминацијата на македонските институции поради тоа што се чувствуваат Бугари

435

Пратениците во бугарското Собрание во прво читање, без дебата, гласаа за измените во Законот за бугарско државјанство со кои јавно ќе биде објавен регистарот на сите лица што имаат бугарски пасош. Се очекува брзо усвојување на законските измени по второто читање, по што Бугарија најави дека ќе ги објави имињата на сите свои државјани.

Бугарскиот европарламентарец Андреј Ковачев, кој е познат по своите антимакедонски ставови, ја поздрави оваа одлука на својот фејсбук-профил, истакнувајќи дека се надева дека по објавувањето на имињата на македонските Бугари, тие ќе бидат заштитени од македонските институции.

– Церемонијата за добивање бугарско државјанство ќе биде свечена и јавна. Регистарот на сите приматели на бугарско државјанство станува јавен. Со најновата измена, јавно ќе бидат познати сите наши сонародници од Република Северна Македонија, кои се стекнале со бугарско државјанство во последните 22 години врз основа на докажано бугарско потекло и декларација за бугарска самосвест. Така, овие над 120.000 македонски Бугари, меѓу кои има и многу поранешни и сегашни политичари, пратеници, министри, градоначалници, раководители на сектори, раководители на партии, сопственици на медиуми и телевизии, новинари, коментатори, како и нивните семејства, ќе бидат јавно заштитени од омразата, говорот и дискриминацијата на македонските институции поради тоа што се чувствуваат Бугари. Оние што се „принудени“ да се претворат во јавни бугаромрасци само за да го скријат своето бугарско потекло и самосвест, нема да имаат повеќе причина да го прават тоа. Очекувам, по второто читање, брзо усвојување на измените на Законот – напиша Ковачев.

Со предложените измени за добивање бугарско државјанство, задолжително ќе биде само познавањето на бугарскиот јазик. При поднесување барање за бугарско државјанство на основа на бугарско потекло, ќе се укине условот предок на апликантот да починал како бугарски државјанин. Лицето  треба да е без криминално досие и тоа не само во Република Бугарија туку и во својата земја на потекло, односно во земјата на живеење. Нова можност е и барањето за државјанство во однос на натурализацијата, а лицето ќе треба да поднесе молба за откажување од тековното државјанство. Исто така, се предлага да се скрати периодот за поднесување документи за ослободување од друго државјанство, како и да се унифицираат условите за стекнување бугарско државјанство при брак со бугарски државјанин, со воведување услов за тригодишен период на вонбрачна заедница, но кој нема да биде применлив доколку се покаже дека бракот е фиктивен. Во таков случај, бугарското државјанство ќе биде одземено.

Предлог-измените на Законот за бугарско државјанство беа поднесени од лидерот на Преродба, Костадин Костадинов и група пратеници на 10 мај 2023 година, заедно со предлозите на Николај Алгафари (ГЕРД-СДС) и група народни пратеници и Радомир Чолаков (ГЕРБ-СДС) и група народни претставници.

(И.С.)