Цената на парното останува иста

292

Цената на парното во Скопје засега нема да се промени, односно останува иста сè додека Регулаторната комисија за енергетика не добие цврсто уверување дека ќе биде поставен топловодот под мостот „Беласица“.

Претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, на семинарот за новинари, во Охрид, образложи дека ќе настане проблем ако не се постави топловодот бидејќи произведените количества од гасната централа „Те-То“, која е за трипати пониска од топлинската енергија што ја даваат топланите. Тој истакна дека крајната цена и вкупниот трошок од топланите што го плаќаат граѓаните на Скопје е 52 проценти, а трошокот на „Те-То“ е 36 проценти.

– Од друга страна имаме обратна ситуација во однос на произведената топлинска енергија, односно „Те-То“ обезбедува 60 проценти, а топланите околу 40-ина проценти. Додека не се постави топловодот, би ни се случило ценовно цунами. Од тие причини додека не добиеме цврсто уверување дека топловодот ќе функционира, нема да донесеме одлука. Доста беше поради нечии препирки сè да оди на грбот на граѓаните – истакна Бислимоски.

Во однос на цената на гасот, која влегува во калкулацијата при утврдување на цента на парното, тој рече дека таа ќе зависи која цена ќе се добие на тендерот кој распишува „ЕСМ – Производство“.

-Во овој момент цената на парното во Скопје е субвенционирана и тоа 30 проценти од Владата и одговара на далеку пониската цена на гасот. По поставување на топловодот за недела-две, ќе го донесеме новиот правилник и ќе ја информираме јавноста за цената на топлинската енергија која ќе биде иста за цел град – истакна Бислимоски, но не кажа дали тоа ќе значи повисока цена и за колку.

Според него, цената на гасот во последните три години беше зголемена за 500 насто, а цената на топлинската енергија во Скопје, вклучувајќи ја и државната субвенција за период од 2,5 години, се зголемила за 26 проценти. Тој нагласи дека при носењето на одлуката за цената ќе биде вкалкулирано и враќањето на 6 милиони евра што беше дадено на ЕСМ како позајмица од Владата.

-Дали враќањето ќе биде одеднаш или ќе се договорат со Владата да оди во период од 2 до 3 години, ќе го имаме предвид при утврдување на центата на топлинската енергија. Треба да знаеме и дали ќе има субвенции и во колкав износ, затоа сега не би сакал да шпекулирам за цената – рече Бислимоски.

Тој се надева дека новата цена ќе биде позната многу брзо, затоа што добил информација дека има комуникација за договор за топловодот меѓу Град Скопје и ЕСМ.

Со новата методологија што ја прават во РКЕ, регулаторот ќе му овозможи на „Те –То“ однапред да знае колку би му биле приходите од производство на топлинска енергија, за да може да калкулира во делот на електричната енергија.

-Ова го правиме за да го мотивираме „Те-То“ повеќе да произведува топлинска енергија која е далеку поевтина од онаа што ја даваат топланите кои се во заминување насекаде во Европа во однос на гасните централи или на когенеративните централи како што е „Те-То“.

Бислимоски откри дека покрај што РКЕ ја регулира цената на електричната и топлинската енергија, како и на цента на водата, отсега ќе ја утврдува и цената на комуналниот отпад на ниво на сите општини. И во оваа област тој не очекува дека ќе има ценовни шокови.

(С.Бл.)