Според авторката д-р Александра Папазовска, изложбата содржи околу стотина предмети кои вклучуваат личен накит (белегзии, обетки, ѓердани), култни бронзи (птици, кругови, соларниот круг) и керамички садови кои биле приложувани при ритуалот на погребување на пајонските аристократки и свештенички

Изложбата „Статусните симболи кај пајонските заедници”, која се отвори денес во  Археолошкиот музеј претставува пет богати женски погребувања од некрополите Лисичин Дол и Милци каде во изворна состојба, добро сочувани, се среќаваат нови типови на религиозни комплети од групата на т.н. „Македонски-пајонски бронзи“. Според авторката на изложбата, кустос советник д-р Александра Папазовска, изложбата содржи околу стотина предмети кои вклучуваат личен накит (белегзии, обетки, ѓердани) кој го носеле покојничките, култни бронзи (птици, кругови, соларниот круг) и керамички садови кои биле приложувани при ритуалот на погребување. Освен предметите, на изложбата се поставени и технички цртежи (на форекси) на кои се прикажани гробните реконструкции во тек на истражувањето, а на платна над нив се претставени идеални реконструкции според тоа како предметите биле најдени.

„Со археолошките истражувања на некрополите од железното време во долното Повардарие во изминатите две децении откриени се многу нови материјали во бројните погребувања, како и нови типови на предмети од групата ‘пајонски бронзи’. Посебно се издвојуваат двете некрополи од железното време на ‘Лисичин Дол’ кај с. Марвинци, Валандово, со откриени 403 погребувања и ‘Милци’ кај Гевгелија со истражени 156 погребувања. Преку хронолошки паралели и директни аналогии, со реконструкции на гробните прилози, претставени се пет богати женски погребувања, кои по своите специфични карактеристики се издвојуваат од останатите погребувања во населбата“, посочија од Археолошкиот музеј.

Инаку, самата појава на предмети од типот на „македонски-пајонски“ бронзи ги издвојува покојничките по статусот кој го имале во заедницата. Најпрво, бројноста на накитот и гробните прилози ја изразуваат нивната економска моќ, но најважниот елемент го имаат прилозите кои сами по себе имаат карактер кој може да се поврзе со култ кон сонцето или, пак, со некакви активности поврзани со самиот култ. Како пример за ваквите богати погребувања е гробот на „свештеничката од Марвинци“ – гроб 15 од Лисичин Дол каде сите предмети кои имаат неоспорна култна содржина биле поставени врз телото на покојничката. Овој елемент на положување на предмети со култен карактер го среќаваме кај сите покојнички, така што предметите биле положени врз нивните тела, и тоа во пределот на градите или појасот и карлицата.

Како што ќе појаснат од Археолошкиот музеј, поголемиот дел на предмети од типот на пајонски култни бронзи, не претставуваат инструменти кои одредени личности (свештенички) ги користеле во некои ритуали, тие се само илустрација на култот кон сонцето, кој пајонските заедници несомнено го негувале, или пак се дел од неговата иконографија. „Така, понекогаш среќаваме одредени предмети како висулци – птици или висулци – кафези кои се ставени на ѓердан од биконични перли и висулци кои се поставени на појасните гарнитури, како примерите кај покојничките од гробовите 357 и 359. А посебно се издвојува покојничката со композитниот предмет ‘Култна Палка’, кој секако го издвојува и подигнува социјалниот статус на покојничката, но и ја одредува улогата која оваа покојничка ја имала во религиозните обреди“, додаваат од Музејот.

Според нив, масовната употребата на “пајонските бронзи“, секако зборува за зголемената економска моќ на одредени поединци во заедницата, но и за постоење на некој ред кој се занимавал со одредени духовни манифестации поврзани со култот кон сонцето. „Предметите од групата на ‘пајонски бронзи’ сама по себе ги издвојува овие покојнички во рамките на заедницата, со што претставува израз на јасно издиференцирана социјална стратификација. Тоа е израз на првите раслојувања на племенската ‘аристократија’ во општеството, и тоа по основа на економска моќ, која на крајот на железното време ќе доведе до формирање на нови општествени форми. Покојничките секако биле лица со повластен статус помеѓу локалната световна аристократија“, посочуваат организаторите на изложбата која укажува на нов момент во нашата претстава за животот на долновардарските заедници. На изложбата, која е реализирана од Археолошкиот музеј и Музејот Гевгелија, а ќе биде отворена до март 2020 година, се обратија и директорите на овие две институции, Горан Санев и Бобан Хусеновски. (Н.И.Т.)