Арсовска: Немам контакт со никого и со ниту еден политички лидер, поранешен и сегашен!

411

– Немам контакт со никого и со ниту еден политички лидер, поранешен и сегашен, надвор од професијата што ја работам во Град Скопје. Вака вчера одговори скопската градоначалничка Данела Арсовска на новинарско прашање дали е играч на поранешниот премиер Никола Груевски, како што се пишува на социјалните мрежи.

Откако ги разреши директорот на ЈП „Водовод и канализација“, Златко Перински, и секретарот на Град Скопје, Ѓоко Велковски, затоа што се сомневала дека го местеле тендерот за пречистителната станица, таа прво се караше со Перински, а на седница на Советот – и со советници од ВМРО-ДПМНЕ, за потоа од говорница да го нарече лидерот на опозициската партија, Христијан Мицкоски, шпицен градоначалник и му порача да не се крие и да ѝ каже што мисли.

Прашана како ѝ се допаѓаат и дали таа ги нарачала билбордите со ликот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, градоначалничката не сакаше да коментира, само истакна дека нема таква моќ и средства, ниту има зошто да ги нарача.

– Во ниту еден случај, тоа не сум јас – децидна е Арсовска додавајќи дека на судот на граѓаните е да проценат кој е во право.

Од СДСМ за „Фокус“ изјавија дека тие се нарачатели на билбордите.

– СДСМ на 25 билборди во Скопје само ја покажа вистината што скопјани многу добро ја знаат, тоа се причините за кавгите во ВМРО-ДПМНЕ, пари, тендери и рацете во медот – велат од СДСМ за „Фокус“.

За тоа како функционираат претпријатијата сега, кога немаат директори, таа одговори дека неиспорачувањето на она што е договорено, што е очекувано од граѓаните не треба да се премолчи.

– Јас ќе продолжам да работам како и досега, а политичките чинители дали и во која мера ќе ги поддржат проектите – оставам на нивната совест – нагласи Арсовска.

Арсовска вели дека турбуленциите со кои деновиве е соочен Градот                              и промената на директорите на јавните претпријатија нема да се одразат на реализацијата на проектите, меѓу кои е и изградбата на пречистителната станица. За да може Арсовска да реализира проекти, треба тие да бидат поддржани и изгласани во Советот на Град Скопје.

– Дали ќе биде подобро, дали Градот ќе трпи или ќе биде полошо, тоа, во секој случај, времето пред нас ќе го покаже. Ова е многу комплицирана ситуација и не би сакала да се навлекувам во политички пресметки. Не ме интересира политика. За мене, единствен интерес е интересот на граѓаните. Што се однесува до политичките чинители во државата и во која мера тие ќе се одлучат да ги поддржат овие проекти, оставам на нивната совест – рече Арсовска.

Арсовска треба да добие поддршка и за буџетот на Градот за наредната година, кој доколку не се изгласа, ќе треба да се распишат избори за нов Совет по примерот со Општина Тетово. Во Советот на Град Скопје, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата имаат 18-мина советници, СДСМ и коалицијата – 12-мина, ДУИ  – петмина, Левица – четворица, по двајца советници имаат Зелен хуман град и по еден Алијанса за Албанците и Алтернатива.

Од ВМРО-ДПМНЕ вчера соопштија дека нивните градоначалници нема да присуствуваат на настаните на Арсовска.

– ВМРО-ДПМНЕ во целост се оградува од однесувањето на Арсовска и градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ нема да присуствуваат на ниту еден настан на градоначалничката Арсовска – велат оттаму.

(А.П.)