„Немаме служба на постојно вработени водичи, а со последните пензионирања во јуни немаме ниту доволно кустоси. На локалитетот „Заливот на коските“ има табла со QR код, кој може да се скенира и така да се добијат информации. Денес со современите техники и технологии сè може да се направи, а сите имаме смарт-телефони“, вели Катерина Велковска в.д. директор на Заводот и музеј Охрид. Таа вели дека веќе упатиле барање до Министерството за култура за пополнување на потребниот кадар

Никаде во Македонија нема толку многу музеи, локалитети, галерии и туристички атракции како во градот Охрид, сепак, она што ги револтира посетителите е што и покрај тоа што плаќаат влезница за да ги посетат, а која воопшто не е евтина, велат дека нема кој да им објасни „ни каде се наоѓаат, ни што гледаат“.  Тие својот револт постојано го потенцираат на социјалните мрежи, но и упатуваат критика кон надлежните институции, но решение нема.

„Влегуваш и се вртиш во круг. Нема кој да ти раскаже што е и како е… Нека е и поскап влезот, но мора да се подобри услугата“, вели еден од посетителите на Самоиловата тврдина во Охрид.

На овој проблем деновиве на својот профил укажа и Љупчо Јаневски, директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, кој како пример го посочи Музејот на вода „Заливот на коските“, во Охрид.

„Најпосетуваниот Еко-музеј во Македонија и денес беше преполн со туристи. Утрово платена карта за домашни туристи 120 и странски 150 денари. Ми беше кажано дека нема кој да ни објасни бидејќи кустосот или задолжениот си дал оставка и присуствувам на слика каде што сите сами на себе се препуштени да се сликаат и читаат оскудни информации. Недозволиво“, напиша Јаневски.

Тој потенцира дека веднаш треба да се ангажира лице кое ќе ја раскажува историјата на наколната населба и животот во тоа време со артефактите во музејот. „Вака за што се наплаќа билет?“, прашува Јаневски.

Тој во една од изјавите за ВЕЧЕР укажува и на потребата секој локалитет да има кустос или лиценциран водич. Според него не треба да ни се повторуваат сликите од локалитети каде што „кој како сака раскажува приказни, онакви какви што мисли дека сака да слушнат групата туристи, без одговорност за последиците“.

Локалитетот Заливот на коските и Музејот, е под надлежност на Завод и музеј Охрид. Оттаму ни потврдија дека на овој локалитет навистина немаат вработени водичи, ниту кустоси кои на посетителите би им дале релевантни податоци за историјата и значењето на овој локалитет.

„Ние немаме вработени водичи, немаме ни кустос. На овој локалитет има табла со QR кодот кој може да се скенира и да се добијат информации. Денес со современите техники и технологии сè може да се направи, сите имаме смарт телефони“, вели Катерина Велковска в.д. директор на Заводот и Музеј Охрид. Таа вели дека ситуацијата е тешка, со оглед на пензионирањата до јуни кога во пензија отишле и дел од другите внатрешно вработени.

„Немаме пополнето работни места и затоа ќе работиме на тоа. Инаку, низ градот има туристички водичи со лиценца. Тие се платени да водат групи и да им раскажуваат. А со најавени претходни делегации и ВИП личности и ние од нашата институција обезбедуваме лице за овој локалитет како и за „Куќата на Робевци“ и Галерија на икони. Но, служба на постојно вработени водичи немаме. Веќе

имаме побарано тие да се вработат и за следната година има можност“, додава Велковска.

Еден, пак, од лиценцираните водичи во Охрид посочува:

„Ние водичите сме и кустоси во нашите музеи. Влегуваш со група и нема кој да им раскаже на туристите каде дошле и зошто плаќаат влезница, па мораме ние и нивната работа да ја вршиме, а на билетарница ти викаат, јас само продавам влезници. Во Охридскиот музеј никако да се вработат кустоси. Секој нов директор се брани дека од Скопје од Министерство за култура не му даваат дозвола за вработување на стручни лица. Очигледно во Минстерството за култура додека земаат добри плати обезбедени од страна на туристичките работници, немаат намера со прст да мрднат за туризмот и туристичките места. Секоја чест за кустосите во музеите во Скопје!“.

Од Министерството за култура за весникот ВЕЧЕР велат дека со Годишниот план за 2022 на НУ Завод и музеј – Охрид се планирани вработувања на кустос советник – стручен соработник во заштита на уметничкото културно наследство за современа уметност и кустос  советник – стручен  соработник во заштита на уметничкото културно наследство за иконопис. За 2023, пак, во план е да се вработат и кустос советник- стручен  соработник во заштита на етнолошкото културно наследство за материјална култура, кустос советник- стручен  соработник во заштита на уметничкото културно наследство за иконопис и кустос-стручен работник археолог за нумизматика, како и двајца водичи – стручни соработници во заштита на културното наследство. (Д.Т.)