Ангеловска: Нов проект во вредност од 90 милиони евра за поддршка на здравството и социјалата

48

Нов „Проект за брзо дејствување против Ковид-19“ во вредност од околу 90 милиони евра за поддршка на здравството и социјалата кој ќе се имплементира со поддршка на Светската банкка, најави министерката за финансии Нина Ангеловска во објава на Фејсбук.

Таа информира дека дека проектот се состои од две компоненти и тоа за зајакнување на здравствените капацитети, како набавка на медецинска опрема и материјали, реновирање здравствени установи, финансирање на здравствено осигурување за ранливи групи, и компонента за поддршка на домаќинства, која вклучува трансфери за ранливи домаќинства и паричен надоместок за оние што ги изгубиле работните места како резултат на кризата.

Ова беше една од темите на состанокот со потпретседателот на Светска банка за Европа и Централна Азија Сирил Милер, гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, вицепремиерката Радмила Шекеринска и вицепремиерката Мила Царовска, во рамки на виртуелните Пролетни средби на ММФ и Светска банка. Вкупната поддршка од Светска банка за земјава за справување со коронакризата е 140 милиони евра, од кои 50 милиони ќе се наменат за финансиска поддршка од 14.500 денари по вработен, која е наменета за зачувување на работните места, посочува министерската Ангеловска во објавата.

На состанокот учествувала и наследничката на Милер, Ана Бјерд, која од 1 мај ќе ја преземе функцијата, по завршувањето на неговиот мандат.

Министерството за финансии информира дека поддршката од Светска банка за земјава за справување со последиците од кризата предизвикана од Ковид-19 ќе изнесува околу 140 милиони евра. Дел од средствата ќе се наменат за нов проект „Проект за брзо дејствување против ковид-19“ во износ од околу 90 милиони евра, а останатите 50 милиони евра за мерката за „финансиска поддршка од 14.500 денари по вработен“ за работодавци и самостојни вршители на дејност.

– Во дискусијата, детално беа презентирани ефектите од глобалната криза предизвикана од коронавирусот врз македонската економија, а беа разгледани и економските мерки за справување со шокот од пандемијата. Од Светска банка позитивно ги оценуваат мерките коишто во рамки на своите надлежности ги преземаат Владата и Народната банка, за коишто се смета дека се навремени и таргетирани, наведува Министерството за финансии во своето соопштение.
На состанокот акцент бил ставен и на стабилноста на финансискиот систем, при што и овојпат е нагласено дека таа мора и понатаму да биде приоритет.

Во тој контекст, одделно се разговараше за активностите и мерките на Народната банка што се однесуваат на стабилноста на банкарскиот систем, којашто е клучна за одржување и јакнење на севкупната финансиска стабилност. Досега преземените мерки се сметаат за дополнителна гаранција дека стабилноста ќе биде одржана, а особено важно е и што системот има капацитет да се справи со шокот, што се должи и на прудентната регулатива, во голема мера усогласена и со европските регулативи, се додава во соопштението.

Министерството наведува дека соодветниот одговор на носителите на политиките во однос на предизвиците коишто ги поставува кризата предизвикана од коронавирусот се значаен сигнал за поддршката којашто Светска банка ја дава за Северна Македонија.

– Со 50 милиони евра од Светската банка, ќе се поддржи мерката со која ќе се даде финансиска поддршка од 14.500 денари по вработен за исплата на плати во април и во мај. Аплицирањето за оваа мерка започнува од почетокот на мај. Освен финансиски, Светска банка учествуваше и советодавно во мерката, а препораките што се базираа на технички анализи, искуства од претходни големи кризи, но и мислења собрани преку консултации со приватниот сектор, вклучително и во Северна Македонија, беа вклучени во главната рамка усвоена од страна на Владата.

Новиот проект за брзо дејствување против последиците од кризата предизвикана од Ковид-19, во износ од 90 милиони евра, се состои од две компоненти. Првата компонента за итен одговор, се однесува на зајакнување на здравствените капацитети со обезбедување зголемување на капацитетите за тестирање, техничка експертиза, лабораториска опрема, заштитна опрема, медицински помошни материјали и опрема, реновирање здравствени установи, развој на системи за да се обезбеди навремено откривање случаи и следење контакт, во согласност со упатствата на Светската здравствена организација, како и финансирање на придонесот за здравствено осигурување за ранливи корисници. Втората компонента за поддршка на домаќинствата се однесува на обезбедување поддршка за трансфери за ранливи домаќинства погодени од последиците од коронавирусот и паричен надоместок за оние што ги изгубиле работните места како резултат на кризата.

На средбата беа разгледани и проекциите од последниот Регионален економски извештај на Светска банка, согласно кој се предвидува забавување на економиите на Западен Балкан меѓу -3 и -5,6 отсто. Според Светска банка, Северна Македонија ќе има најмало забавување на економијата, помеѓу -1,4 и -3,2 проценти, се додава во соопштението.

Извор:МИА