За 1,5 година ќе се гради пречистителна станица на реката Серава

190

Ако сè оди според очекуваното, за една ипол година треба да почнат активностите за изградба на пречистителна станица на реката Серава, со што трајно ќе се реши проблемот со фекалните води.

На најавата на градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски, на неговата фејсбук-страница за почетокот на преговори со претставници од Словенија за обезбедување на средства од Европските фондови, се огласија и жителите на Бутел кои велат дека фекалиите од куќите покрај реката се влеваат во неа и бараат под итно да се реши овој проблем.

– Не знам колку сте запознаени, но има многу куќи покрај реката чии фекалии се насочени директно во реката. Сега кога ќе ја исчистите, ќе се видат. Ве молам и ова да се реши под итно, зашто е извор на зараза и летно време се чувствува неподнослива смрдеа, не се дише – вели Јордан Илиевски, во својот коментар упатен до градоначалникот.

Костовски на Фејсбук објави дека имал одлична работна средба со Јанез Сајовиќ од Словенија, со кого разговарал за изградба на прочистителна станица на реката Серава и трајно решение за проблемот со фекалните води.

За весникот ВЕЧЕР, градоначалникот објасни дека било дискутирано за можностите за аплицирање кај некои од Европските фондови за да се обезбедат средства за реализирање на овој проект.

– Доколку се договориме, а сметам дека ќе се договориме наскоро, бидејќи за 20 дена имам повторна средба со претставникот од Словенија, кој е одговорен за Фондовите за овој дел од Европа, ќе ја започнеме подготовката на документацијата за аплицирање пред Европските фондови. Тогаш и ќе имаме многу подетални информации за проектот. Освен тоа, треба да се направи убава анализа пред да се реализира нешто. Се надевам дека за година и половина ќе можеме да се пофалиме со почеток на изградбата на пречистителната станица – заклучи Костовски.

(А.П.)