Бавна едукативна трка во организација на мото клуб „Вепар“

86

Во организација на мото клубот „Вепар“, на патеката пред нивните простории, в недела во 12 часот ќе се одржи седмото издание на настанот „Не е се во брзината“.

– Станува збор за бавна трка, а настанот е од едуктивен карактер и има за цел да ја подигне свеста на сите учесници во сообраќајот, особено мотоциклистите, укажувајќи на потенцијалната опасност од управување со голема брзина – објаснуваат организаторите, додавајќи дека трката е со поинаков пристап – бавно, но учењето и забавата се брзи.

Трката ќе се одвива во четири категории и тоа: мотоцикли до 50 цм3, мотоцикли од 51 до 500 цм3 Мотоцикли од 501 цм3 до 1000 цм3 и мотоцикли поголеми од 1.000 цм3. Трката ќе се одвива на начин на кој истовремено ќе се натпреваруваат по двајца учесници по систем на елиминација. Победникот продолжува со натпреварување, а победник е оној кој поспоро ќе стигне до целта.

Според правилата, учесникот не смее да испадне од одбележаната траекторија, не смее да допре со нога на земја (со самото допирање се елиминира од трката) и учесникот кој последен ќе ја помине целта е победник.

Настанот ќе биде проследен со забавна програма и ќе трае до 19 часот.

Сите заинтересирани за учество во мото трката – Бавна Трка „Не е сè во брзината!“ Vol. 7, можат да се пријават на штандот пред патеката во просториите на клубот, помеѓу 10 и 11.30 часот на денот на настанот.

Учеството е бесплатно.