Жители на Хром се против бетонизација на нивната населба

180

Тие сакаат да го спасат и она малку зеленило со површина од над 7.000 квадратни метри што се наоѓа веднаш до фабриката „Купром“. –Криминалниот ДУП за Хром C3 20, донесен во 2019 година, ја бетонираше цела населба, велат жителите и прашуваат зошто се продолжува со урбаното дивеење 

 

Жителите на Хром повторно апелираат за незаконското градење во нивната населба и бетонизацијата, односно одземањето и на она малку зеленило што е преостанато. Тие сакаат да го спасат зеленилото со површина од над 7.000 квадратни метри што се наоѓа веднаш до фабриката „Купром“.

– Криминалниот ДУП за Хром C3 20, донесен во 2019 година, ја бетонираше цела населба, во буквална смисла на зборот. Остана оваа прекрасна слика – зеленило и куќи, кои ќе бидат уништени од урбаната мафија – потенцираат жителите.

Тие ги замолуваат сите невладини екоорганизации, сите добри луѓе што може да помогнат со допис до Уставниот суд за промена на ДУП-от.

– Доказите што ги имаме и криминалното бетонизирање се огромен доказ за направилноста на донесениот ДУП. Ниту една зграда не ги исполнува параметрите за 20 проценти зеленило, густина на населението, итн. – децидни се жителите на Хром.

Тие потсетуваат на она што го ветил градоначалникот на Општина Ѓорче Петров во предизборната кампања за нивната населба и на неговото лично мислење во однос на урбанистичкото дивеење овде. На средбата со претставници на иницијативата против урбаното дивеење во Ѓорче Петров, како што велат жителите, тој навел дека тие се директно жртви од последиците на новиот ДУП во Хром C3 20, донесен од претходната локална власт.

– Во Хром се гради надвор од сите светски стандарди за урбанистичко планирање и уредување и има големо непочитување на правилниците за градба  – изјавил тогаш Стојкоски и потенцирал дека е вчудовиден од сликата на новоизградените згради, каде што ниту приближно не се почитувани процентот на зеленило и кумулативното зголемување на населението, кое не ја следи инфраструктурната мрежа во Хром.

При тоа, жителите се жалат на намален притисок на водата, но и поплавувања при поголеми врнежи од дожд, поради незаконски приклучените нови згради на старата водоводна и канализациска мрежа, која е предвидена за индивидуално домување.

При тоа, градоначалникот Стојкоски нагласил дека урбаното дивеење во Хром мора да се сопре и, конечно, граѓаните да ги почувствуваат благодатите од урбаното живеење.

Прашани што се презело за да се одржат овие ветувања и зошто се продолжува со урбаното дивеење во Хром, од Општината ги демантираат наводите во однос на т.н. бетонирање на целата населба, непредвидување зеленило, неисполнување на 20% зеленило на ниту една зграда и неисполнување на параметрите за густина на населението на ДУП-от за градскиот кварт СЗ 20.

Оттаму велат дека фактите презентираат поинаква ситуација во однос на наведениот ДУП.

– Со планот се планирани вкупно 185 градби со намена А2 – домување во станбени згради, но при тоа голем дел се постојни градби (78) и во најголем дел се градби со катност до П+3+Пк, планирани на начин со кој се почитува претходно планираното и постојната состојба. Во целиот план (со вкупно 647 градежни парцели) има, сè на сè, седум градби со намена А2 – домување во станбени згради со катност повисока од П+3+Пк повеќе во однос на претходните урбанистички планови (но сите пониски од П+7+Пк). Во сите седум случаи, всушност, се работи за поделба на претходни големи градежни парцели на помали, поради олеснување на реализацијата – објаснуваат од Општина Ѓорче Петров.

Тие додаваат дека новиот ДУП за градскиот кварт СЗ 20, всушност, нуди решение со кое вкупната бруто развиена површина на сите планирани градби со намена домување е соодветна на претходно планираното во периодот од 2000 до 2013 година.

– Претходниот ДУП за населбата Хром, од 2001 година, нудел решение со градежни парцели кај кои намената била зададена воопштено како „домување“, одредба со која ефективно сите градежни парцели, всушност, нуделе можност за реализација на станбени згради за колективно домување, без ограничен број станбени единици. Се работи за вкупно 502 вакви градежни парцели – одговараат од локалната самоуправа.

При тоа, потенцираат дека наспроти тоа, новиот ДУП за градскиот кварт СЗ 20, за најголем дел од овие градежни парцели, дефинира основна класа на намена „А1 – домување во станбени куќи“, со ограничување на максимални четири станбени единици.

– Во внатрешноста на населбата, како станбени згради се потврдени единствено веќе реализираните згради по претходниот план и зградите што и со претходните планови имале планирана катност еднаква или поголема од П+3+Пк. Всушност, новиот ДУП за градскиот кварт СЗ 20 нуди решение со значително намалување на вкупниот број градежни парцели со намена „А2 – домување во станбени згради“ во однос на претходните урбанистички планови што важеле за подрачјето, и тоа: од претходните вкупно 535 станбени згради, во новиот ДУП се планирани вкупно 185, што значи има намалување за 350 – потенцираат од Општина Ѓорче Петров.

Во однос на густината на населеност, оттаму наведуваат дека новиот ДУП предвидува вкупно 9.243 жители во населбата, бројка во која влегуваат и постојните 6.500 жители.

– При евентуална идна максимална реализација на планските одредби на планот, во населбата би имало не повеќе од 2.743 нови жители. Земајќи го предвид апсолутното намалување на градбите планирани како станбени згради, односно планираното ограничување на четири станбени единици по градба за најголем дел од парцелите, се согледува дека новиот ДУП за градскиот кварт СЗ 20, всушност, планира значително помал број жители во однос на претходните планови, со што и планираната густина на населеност е значително намалена. Како апсолутна бројка: планираната бруто-густина на населеност во градскиот кварт СЗ 20 изнесува 182 жители на хектар, што во никој случај не може да се земе како висока вредност во урбана средина – децидни се од Општина Ѓорче Петров.

Во однос на зеленилото, тие велат дека со ДУП-от за градскиот кварт СЗ 20 се планирани 14.409 квадратни метри јавни површини под уредено зеленило, од кои 6.927 квадратни метри се површини под постојно зеленило, кои се вклопуваат во планското решение, а 7.482 квадратни метри се новопланирани јавни површини под зеленило.

– Со претходните планови донесени во периодот од 2000 до 2013 година за тој простор, планирани се единствено 909 квадратни метри јавни површини под зеленило, односно новиот ДУП СЗ 20 има дури 13.500 квадратни метри повеќе јавни површини под зеленило во однос на претходно планираното – потенцираат од локалната самоуправа, наведувајќи дека со ДУП-от за градскиот кварт СЗ 20 е зададена обврска за минимален процент на озеленетост на градежните парцели од 20 проценти. Овој процент од планираните градежни парцели претставува 71.497 квадратни метри – објаснуваат од Општина Ѓорче Петров.

При тоа, додаваат дека со ДУП-от за градскиот кварт СЗ 20, за сите градежни парцели со намена А – домување, дадена е можност за реализација на рамни покрив тераси со покривни градини – површини што се дополнително зеленило во однос на условените 20 проценти под зеленило во рамки на градежните парцели.

Во однос на инфраструктурата, според општинските власти, овој урбанистички план нуди целосно планско решение со планирани водови, кои се димензионирани соодветно на предвидените содржини и планираниот број жители.

– Реализацијата на планираната инфраструктура се одвива паралелно со реализацијата на останатите содржини и е со поделени надлежности. Реализацијата на примарните инфраструктури е во надлежност на Град Скопје (по ободните главни улици), а реализацијата на секундарните (во внатрешноста на квартот) се во надлежност на Општина Ѓорче Петров. Планираната инфраструктура во ДУП-от се надоврзува на претходно планираната инфраструктура во планот од повисоко ниво, односно на ГУП на Град Скопје за 2012-2022 година – велат од локалната самоуправа, заклучувајќи дека целта на предметниот ДУП е усогласување со новиот ГУП на Град Скопје за 2012-2022 година, усогласување на планираните градежни парцели со имотно- правната состојба на самото место (без загрозување на јавното добро) и зголемување на степенот на хуманост на домување.

(А.П.)