Судската власт е самостојна и независна. Секое мешање во судството и во судската власт носи со себе сериозна опасност за демократијата, правната сигурност и владеењето на правото, велат од Судскиот совет на најавите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и иден мандатар, Христијан Мицкоски, дека нивна цел е да го распуштат Судскиот совет и самите судии и обвинители, преку тајно гласање, да ги избираат своите претставници во Советот.

– Судскиот совет не се впуштa во коментирање и оцена на предизборни програми и ветувања на која било политичка партија, затоа што тоа е крајно несоодветно. Единствено, Судскиот совет укажува дека судската власт, како една од трите власти, а не трета власт, е самостојна и независна. Овој факт не го користиме како флоскула и одбранбен механизам. Мора да биде јасно и сите да бидат свесни дека секое мешање во судството и, генерално, во судската власт на кој било од носителите на другите две власти, носи со себе сериозна опасност за едно демократско општество, правната сигурност и владеењето на правото, како вредности, стандарди и врвни приоритети кон кои, како држава, се стремиме на патот кон ЕУ – велат од Судскиот совет.

Оттаму нагласуваат дека се свесни за состојбите во судството, за нивото на доверба и за сето она што се става на товар на судството како недостиг.

– Критиките ги прифаќаме, меѓутоа, исто така, убедени сме дека судството во Република Македонија има капацитет да ги надмине состојбите без реформи и резови за кои никој не може однапред да ги предвиди ефектите што ќе бидат предизвикани. Реформи заради реформи никому не му се потребни и истите само ќе ги вратат неколку чекори назад процесите и активностите што ги презема Судскиот совет во овој период, финансирани и со поддршка на меѓународната заедница преку проекти, а сè во насока на подобрување на состојбите во судството и се во напредна фаза. Само тогаш кога политичарите што доаѓаат и си заминуваат од власт ќе сфатат дека судската власт е столбот кој останува и не е марионета, ниту инструмент за остварување нечии интереси, граѓаните ќе добијат судство какво што заслужуваат – нагласуваат од Судскиот совет.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и иден мандатар, Мицкоски, во средата, во обраќање на самитот „Македонија 2025“, рече дека главен предизвик ќе бидат реформите во Судскиот совет и во Советот на јавни обвинители и дека нивна цел е да ги распуштат оние што ја свеле довербата во правниот систем на едноцифрена бројка проценти и наместо нив, самите судии и обвинители да си ги изберат своите претставници преку тајно гласање.

– Главен предизвик ќе бидат реформите во Судскиот совет и во Советот за јавни обвинители. Наша цел е да ги распуштиме овие што ја сведоа довербата во правниот систем на едноцифрена бројка проценти и наместо нив, самите судии и обвинители да си ги изберат своите претставници преку тајно гласање – изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски.

Тој потенцираше дека Владата, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, нема намера ниту да поставува и предлага свои луѓе преку измени во законот ниту има намера да се меша во овие две тела.

– Исто така, наша обврска ќе биде да обезбедиме независен буџет, врзан со проценти од централниот за да бидат целосно автономни, за да не бидат потоа политичарите изговор на некој од тие корумпирани поединци во судство и обвинителство дека тие им правеле притисок. Сами да се изберат и сами да функционираат, а ние ќе правиме оверсајт на таа работа преку собраниска комисија во која ќе има претставници и на власта и на опозицијата – истакна Мицкоски.

Мицкоски нагласи дека целта е комплетна автономија во правниот систем.

– Но, ако забележиме какво било влијание од поранешни политички елити или други точки на влијание, ќе има сериозна кривична одговорност. Немаме намера ниту милиметар да отстапиме – изјави Мицкоски.