Шпанците ги бркаат туристите: Одете си, ова е мојот дом!

130

Сè повеќе Шпанци се приклучуваат на антитуристичките протести во нивната земја, кои треба да кулминираат в сабота. Шпанците се против туристите, зашто им го нарушуваат животот, доаѓајќи во неколкукратно поголем број од локалните жители.

Шпанија лани ја посетија 85 милиони туристи, па властите се обидуваат да ги усогласат интересите на локалното население и профитабилниот сектор.

Собирите на незадоволните граѓани се одвиваат под слоганот „Канарските Острови имаат граница“. Канарите се познати по своите вулкански пејзажи и сончевата светлина во текот на целата година, па привлекуваат милиони посетители од целиот свет. Минатата година примија 16 милиони гости, додека локалното население брои 2,2 милиони.

Протестантите бараат властите да ја прекинат работата на два нови хотела на Тенерифе, најголемиот и најразвиениот од седумте острови на архипелагот.

Неколку членови на колективот Распродадени Канари минатата недела започнаа штрајк со глад за да извршат притисок врз властите. Слични антитуристички движења се појавија и на други места во Шпанија.

Во јужното пристаниште Малага, покрај песочниот брег на Коста дел Сол, на ѕидовите се појавија налепници и графити на кои пишува „Ова беше мојот дом порано“ и „Оди дома“. Активисти во Барселона и Балеарските Острови поставија лажни табли на влезовите на некои популарни плажи, предупредувајќи на англиски јазик на ризик од „паѓање карпи“ или „опасна медуза“.

Локалните жители се жалат дека им недостасува простор за домување поради порастот на сместувањето преку платформите за краткорочно изнајмување, како што е Аирбнб. Посочуваат дека кириите им се покачени, особено во градовите. Приливот на туристи ја зголемува и бучавата и ја загадува животната средина.

Во североисточниот регион на Каталонија, кој во февруари прогласи вонредна состојба поради сушата, расте гневот поради недостигот на вода. Тамошните хотели на Коста Брава се борат со исцрпените резерви на вода.

-Има туристички дестинации кои се на лимитот на нивниот капацитет. Тоа е проблем што повремено се појавува во екот на сезоната и во одредени делови од земјата, но сега се влошува, рече Хозе Луис Зореда, потпретседател на здружението на туристичките агенции „Екселтур“.

Северниот крајбрежен град Сан Себастијан минатиот месец ги ограничи туристичките групи во центарот на 25 луѓе и ја забрани употребата на звучници при турите со водич. Јужниот град Севилја размислува да наплаќа такса од нерезиденти за влез во знаменитоста Плаза де Еспања. Барселона, од друга страна, ја откажа автобуската линија популарна кај туристите од „Гугл мапс“ за да се обиде да направи повеќе простор за локалното население.

Министерката за домување и урбанизам, Изабел Родригез, изјави за време на викендот дека „неопходно е да се преземат мерки за ограничување на бројот на туристички апартмани“. Таа, сепак, нагласи дека нејзината левичарска влада е „свесна за важноста на туристичкиот сектор“, кој сочинува 12,8 отсто од бруто- домашниот производ на Шпанија.