Советниците бегаат од седница со 500 евра в џеб

314

Од „Зелен хуман град“ реагираат дека сè почеста е праксата советниците од големите партии да ги напуштаат седниците на Советот на Град Скопје поради една или друга причина, и со тоа да нема кворум, кој е задолжителен за работа. Тоа се случило и на последната седница на Советот на Град Скопје, кога, по двочасовно натегање и само една обработена точка на дневниот ред, снемало кворум и седницата била одложена.

– Ова е лошо, бидејќи одлуки, кои се круцијални, нема да поминат и да се стават во пракса навреме, не може да се презентираат предлозите на советниците (добиени од граѓаните), се троши времето на сите оние што дошле на седницата: другите советници, претставниците од Градот, претставниците од претпријатијата и установите, а најважно, секој потпишан советник што дошол на почетокот на седницата, ќе го добие својот месечен паушал од 500 евра, без разлика дали седницата завршила или не – коментираат од „Зелен хуман град“.

Оттаму додаваат дека разбираат оти некогаш некој ќе треба да излезе поради определен број причини, а некогаш и цела група демонстративно може да го направи тоа.

– Но, сè почесто советниците што напуштаат седница не се во ниту една од тие категории, туку, едноставно, не им се допаѓа нешто или добиваат наредба да заминат – децидни се од „Зелен хуман град“.

Тие потенцираат дека затоа оние што ја напуштиле седницата по само првата точка, биле почестени со месечен паушал од 500 евра од граѓаните на Скопје.

– Тој масовен труд што го вложија, реално требаше да биде награден така – нагласуваат од „Зелен хуман град“.

Законот за локална самоуправа пропишува дека членовите на Советот имаат право на надоместок за присуство на седниците и надоместок на патните и на дневните трошоци.

Во однос на одржувањето на седниците, во законот се вели дека се свикуваат по потреба, но најмалку еднаш на три месеци. Седниците ги свикува претседателот на Советот, на своја иницијатива, на барање од градоначалникот или на барање од најмалку една четвртина членови на Советот.

Досегашната практика на заседавање на советите на скопските општини и на Град Скопје покажува дека еднаш месечно се одржуваат седници.

(А.П.)