Лани, во нашата земја се случиле 2.250 посериозни повреди при работа, од кои 17 завршиле трагично, со смртни последици. На глобално ниво, пак, анализите и проценките на Меѓународната организација на трудот, објавени пред извесно време, даваат уште позастрашувачка слика.

Секоја година, повеќе од 2,3 милиони работници ширум светот умираат од несреќи или заболувања што се поврзани со работата и работното место, а дополнителни 340 милиони работници се повредуваат во различни несреќи при работа.

Ова, на конференцијата на тема „Климатските промени и безбедноста и здравјето при работа“, организирана по повод одбележувањето на 28 април, Светскиот ден на безбедноста и здравјето при работа, го истакна министерот за труд и социјална политика, Ѓоко Велковски.

– Добар дел од несреќите при работа и појавата на професионални болести и заболувања кај работниците можеле да бидат превенирани и спречени, но се токму последица на недоволното и несоодветно преземање превентивни и заштитни мерки, неопходни да ги заштитат здравјето и животот на работниците на работното место. Сето ова е нешто на што сите мораме заеднички и координирано да работиме, уште поинтензивно отколку досега – потенцираше Велковски.

Kако што се интензивираат климатските промени така работниците ширум светот се наоѓаат под зголемен ризик од изложеност на опасности како што се прекумерна топлина, ултравиолетово зрачење, екстремни временски настани, загадување на воздухот, болести пренесени од вектори и агрохемикалии.

Извештајот на Македонското здружение за заштита при работа за 2022 година покажува дека во 2022 година, 22 несреќи при работа завршиле со смртни последици. Со вакви високи бројки, Македонија е во редот на земјите со висок ризик на работното место. Ако во земјите на Европската Унија се евидентирани 2,11 смртни случаи на 100 илјади вработени, кај нас, 3,17 работници гинат на работните места, што истовремено и охрабрува, бидејќи во 2021 година имало 3,77 смртни случаи.

Кога, пак, како параметар ќе се земат повредите при работа, тогаш стапката на повреди при работа за 2022 година изнесува 21,21, што покажува дека на секои 100.000 вработени потешко се повредуваат околу 21. Споредбено со 2021 година, кога стапката на повреди при работа изнесувала 16,97, стапката на повреди за 2022 е во благ пораст. Од Здружението посочуваат дека овие бројки ни оддалеку не ја отсликуваат реалната слика на несреќи на работа со смртен исход, бидејќи не се ставени смртните случаи кај кои последица се професионалните заболувања.

– Доколку за оваа пресметка ги земеме поверодостојните бројки на потешко повредените вработени според податоците што ги добивме од Државниот инспекторат за труд, кои изнесуваат 1.508 повредени вработени, тогаш ќе добиеме бројка од 189,66 или во текот на 2021 година сме имале 190 повредени вработени на секои 100.000 вработени. Овој податок самиот по себе не кажува многу, но доколку го споредиме со податоците на „Евростат“, ќе увидиме дека очигледно имаме „слон во собата“. Имено, низ ЕУ, во 2020 се случиле 1.466 повреди на работното место на 100.000 вработени – се наведува во извештајот за 2022 година.

Во однос на градот во кој се случила несреќата, Скопје е град со најголем број несреќи. По Скопје, следуваат Битола и Прилеп. Оваа година, најголемиот број смртни случаи поврзани со работното место се во Скопје 4, следуваат Струга, Струмица и Неготино со по 3 случаи.

– Според добиените податоци, најголемиот број несреќи лани – 20 се случиле кај лица на возраст меѓу 45-54 години. Најголем број несреќи со фатален исход – 8 има во категоријата од истата возраст – од 55 до 64 години. Мора да се истакне дека при голем број несреќи, немаме податоци за возраста – истакнуваат од македонското Здружение за заштита при работа.

(С.Бл.)