Пуштена во употреба првата катна гаража во центарот на Штип

53

Пуштена е во употреба првата катна гаража на улицата „Ванчо Прќе“, која се наоаѓа зад Центарот за култура „Ацо Шопов“ во Штип.

Градоначалникот Иван Јорданов на денешната прес-конференција истакна дека  просторот рационално е уреден за паркирање на две нивоа. Според него, станува збор за едно сообраќајно решение, со кое се дуплираа паркинг позициите и на оваа површина има 55 паркинг места, кои веќе се во функција.

Тој најави дека во текот на годината ќе се работи и на три локации, кои ќе бидат уредени, како катни гаражи во централното градско подрачје.

– Ќе се уредува паркинг простор на две нивоа, едната е веќе започната, веднаш до стоковна куќа „Нама“ и првата станбена зграда. Планираме во текот на оваа година да се започне и кај зградата „Промаја“, а којашто ќе биде за паркирање на три нивоа – изјави Јорданов.

Тој посочи дека општината со изградбата на новите катните гаражи ќе обезбеди повеќе од 150 паркинг места во централното градско подрачје, со што ќе може и да се реализира и проектот улицата „Ванчо Прќе“ да биде пешачката зона. Овој проект се очекува да почне со реализација во втората половина на 2024 година.

Прашан за тоа кога ќе почнат градежните активности на катната гаража кај стоковната куќа „Нама“, Јорданов одговори дека денеска или утре очекува да се отстрани подземната цистерната со нафта на оваа површина, по што економскиот оператор ќе почне со градежните активности. Вредноста на оваа катна гаража е околу пет милиони денари.