Во Министерство за животна средина и просторно планирање денеска се одржа првиот конститутивен состанок на новата Комисија за Управување со светско природно и културно наследство во Охридски регион, која е формирана со одлука на Влада од први април 2024 година и со која во наредните три години ќе претседава Министерството за животна средина и просторно планирање.

– Од почетокот на своето постоење Министерството за животна средина има важна улога на заштитник на исклучителната универзална вредност на Охридскиот регион и зачувување на интегритетот на најстарото и најбогато со биолошка разновидност езеро во Европа. Министерството во континуитет имплементира конкретни активности во делот на заштита на природата што е, исто така, важно како и заштитата на културното наследство – изјави министерката за животна средина, Каја Шукова.

Министерката за култура и претседателка на Националната комисија на УНЕСКО, Бисера Костадиновска-Стојчевска, изрази уверување дека новоименуваните членови со своето учество и подговетност ќе обезбедат континуитет во работата на Комисијата, и ќе дадат нов придонес во подигнувањето на стручните стандарди во заштитата на светското наследство на Охридскиот Регион и на неговата исклучителна универзална вредност.

Како важни акти кои се донесени и процеси кои се започнати во изминативе седум години таа ги наведе: Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион (2020) и Стратегискиот план за рехабилитација на светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион (2023 – 2030), Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за прогласување на Старото градско јадро на Охрид за културно наследство од особено значење во кој се предвидува дека до донесувањето на новите детални урбанистички планови усогласени со режимот на заштита утврден во Законот, во Старото градско јадро на Охрид не може да се градат нови објекти, доградби и надградби.

Со конституирањето на Комисијата за Управување со светско природно и културно наследство во Охридски регион и усвојувањето на деловникот за работа се очекува во најскоро време да се започне со постапување по прашања и предмети кои се во надлежност на Комисијата.