EPA-EFE/MAURICE VAN STEEN

Поранешниот холандски фудбалски талент, Квинси Промес (32), на почетокот на оваа година беше осуден на шест години затвор поради трговија со дрога. Судот во Амстердам, неговиот роден град, утврди дека поранешниот репрезентативец на таа земја учествувал во увоз и извоз на стотици килограми кокаин во 2020 година. Тој заедно со своите соработници во два наврати од пристаништето Антверпен во Белгија превезол во Холандија вкупно 1.360 килограми кокаин. Таа количина на дрога на црниот пазар вреди повеќе од 76 милиони евра. Исто така беа „фатени“ неговите телефонски повици во кои се открива дека тој е директно вклучен во транспортот на дрогата од пристаништето во Бразил и во нејзиниот понатамошен транспорт од Белгија. По изрекувањето на пресудата, му биле конфискувани девет куќи во Холандија.

Во времето на пресудата, Промес живеел во Москва, каде што настапувал за Спартак од 2014 до 2018 година и од 2021 година до минатата зима. На крајот на февруари 2024 година, тој беше приведен на аеродромот Ал-Мактоум во Дубаи, под обвинение за бегство по сообраќајна несреќа. Неговиот клуб Спартак во тој момент беше на подготовки на Емирати. Иако следниот ден беше ослободен од притвор, му беше наредено да остане во земјата до судењето, а во меѓувреме беше повторно уапсен на 12 март, по официјалното барање од Холандија за негова екстрадиција.

Во моментов тој ја отслужува казната во затворот Ал-Авир, кој холандските медиуми го опишуваат како најгрозното место, каде што 20 затвореници се чуваат во ќелии наменети за шест лица и спијат на под. Новинарот на „Black Chronicle“ и поранешен полицаец, Џон ван ден Хувел, откри дека во тој затвор секојдневно се случуваат сексуални напади, дека има малку чувари и дека престојот во казненопоправниот дом е непријатен поради прекумерната климатизација.

  • Изгледа дека силувањата се случуваат секој ден, бидејќи има малку чувари кои би се грижеле за безбедноста. Затворениците поминуваат време во ладна и бучна средина поради зголемената клима, истакна Холанѓанецот.

Затворениците мора да ги почитуваат правилата таму, бидејќи во спротивно ќе се соочат со остри казни.

Во такви услови, Промес поднел барање до властите да биде екстрадиран во Русија, но неизвесно е дали ќе биде одобрено, додека истовремено холандските обвинители се борат да го доведат во родната земја, па таму да одговара за кривичните дела. Освен за трговија со дрога, тој се товари и за напад со нож, бидејќи избодел роднина на забава во јули 2020 година.

Фудбалерот кој некогаш живееше гламурозен живот и објавуваше слики од своето богатство на социјалните мрежи, сега се соочува со многу тешки услови и доколку биде испорачан во Холандија, нема да биде ослободен пред 2030 година.