Приватните специјализанти очекуваат новиот министер да ги реши нивните проблеми

Се чекаат нови разговори 

40

Приватните специјализанти денес ја искористија паузата за да се соберат пред интерните клиники во Клиничкиот центар во Скопје и да побараат повисоки плати, здравствено и пензиско осигурување. Очекуваат новиот министер за здравство, веднаш по назначувањето, да ги повика во кабинетот и да ги реализира нивните барања.

– Во исчекување на формирањето на новата влада и назначувањето нов министер за здравство, ние, приватните специјализанти, уште еден вторник ја искористивме нашата пауза за собир пред интерните клиники со цел да покажеме дека сме тука, дека постоиме, сѐ уште работиме за плата од 26.000 денари, без здравствено и пензиско осигурување. Очекуваме новиот министер, веднаш штом ќе влезе во својот кабинет, да нѐ повика на средба, да ги оствари нашите барања, односно да го покачи месечниот надоместок, кој моментално изнесува 26.000 денари, да биде на ниво на просечната плата во јавна здравствена установа и да ни обезбеди здравствено осигурување. Паралелно со тоа, да започне и процес, со што ќе се донесат правни и законски решенија за сите ние, приватните специјализанти, да бидеме трансформирани во јавното здравство, со што би имале и соодветно пензиско осигурување – изјави доктор Христина Илиоска-Чешлароска, приватен специјализант по интерна медицина.

Според неа, приватните специјализанти имаат поддршка од повозрасните колеги  специјалисти. Некои од нив, како што посочи, ја искажале поддршката и преку видеопораки.