Уште шестмина со пертусис хоспитализирани, до 9 мај вкупно заразени 553 лица

Неделна анализа на Институтот за јавно здравство

154

 Според анализите на Институтот за јавно здравје во однос на географската поставеност, најголем дел од случаите во последната недела се пријавени во рамките на епидемијата во Скопје, каде што се регистрирани 14-мина пациенти, само едно лице со овој вирус е регистрирано во Крива Паланка. До 9 мај, во државава се регистрирани вкупно 553 случаи на голема кашлица, а кај нив возрасната е од 1 месец до 78 години. – Од 18 јануари до 9 мај, дадени се вкупно 45.715 дози вакцина што содржи компонента против голема кашлица – информираат од Институтот

 

  Епидемијата на голема кашлица се поднамали, но никако да стивне. Пријавени се 15 нови случаи на пертусис во периодот од 3 до 9 мај, од кои шест лица се хоспитализирани. Овој број заразени со пертусис претставува намалување од околу 32 отсто во однос на претходната недела. Според анализите на Институтот за јавно здравје во однос на географската поставеност, најголем дел од случаите се пријавени во рамките на епидемијата во Скопје, каде што се регистрирани 14-мина пациенти, само едно лице со овој вирус е регистрирано во Крива Паланка.

Во однос на вакциналниот статус на заболените, 11 лица се некомплетно вакцинирани, невакцинирани или имаат непознат вакцинален статус, две се комплетно вакцинирани и две се вакцинирани согласно со возраста.

– Возраста на заболените во последната недела се движи од еден месец до 62 години, а најголем број случаи се од возрасната група до четири години – информираат од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) во најновиот последен неделен извештај и дополнуваат дека заклучно со 9 мај, во државава се регистрирани вкупно 553 случаи на голема кашлица, а кај нив возрасната е од еден месец до 78 години.

Од вкупниот број заразени со пертусис, повеќе се од женски пол, и тоа 284 пациенти, а другите 269 лица се од машки пол.

Овие бројки, како што информираат од ИЈЗ, претставуваат неколкукратно зголемување на бројот на заболени во однос на изминатиот петгодишен период, од 2019 до 2023 година, кога се регистрирани вкупно само 10 случаи.

Од ИЈЗ потсетуваат дека се во тек две епидемии, пријавени во ниво на територијата на Скопје и на Куманово. Дистрибуцијата на случаите во однос на местото на живеење покажува дека најголем број лица живеат во Скопје – 441 лица се заразиле со пертусис или 79,7% од вкупниот број, кои се лоцирани во седумнаесет различни општини. Во рамките на епидемијата во Куманово, пријавени се 29 заболени лица (5,4 %), а се пријавени случаи и во други 17 града низ државата, како што се Битола, Кратово и Крушево.

Како што велат лекарите, намалувањето на бројот на заразени со големи сипаници се должи на имунизацијата. Анализите покажуваат дека во однос на вакциналниот статус, 333 лица (60,2 %) од заболените не се вакцинирани, некомплетно се вакцинирани согласно со возраста и календарот за имунизација или се со непознат вакцинален статус. Комплетно вакцинирани или вакцинирани согласно со возраста се 220 лица, а од случаите што се комплетно вакцинирани, просекот на поминато време од последната доза на вакцина до заболувањето изнесува 12,7 години.

– Од 18 јануари до 9 мај, дадени се вкупно 45.715 дози вакцина што содржи компонента против голема кашлица – информираат од Институтот.  

Градинките калкулираат:На приредбите да нема родители!? 

Поголемиот дел од градинки во Скопје сметаа дека родителите не треба да присуствуваат на завршните приредби, сè додека е актуелна епидемијата со голема кашлица. Од Центарот за јавно здравје и од Комисијата за заразни болести засега нема вакви препораки до градинките. Според д-р Злате Мехмедовиќ, портпарол на Комисијата за заразни болести, тоа се должи на тоа што се стабилизирала состојбата со голема кашлица.

– Гледаме пад на новорегистрираните случаи во Скопје. Можеме да кажеме дека 45.000 дози аплицирани против пертусис некако како да ја стабилизираа состојбата со епидемијата – вели д-р Мехмедовиќ.

(В.Ма.)