Пазарот преплавен со лажен мед: Европската пчеларска асоцијација предупредува – најштетен по здравјето е веганскиот

1349

Европскиот пазар е преплавен со лажен мед, а во зависност од државата тие сочинуваат од 46 до дури 88 отсто од продадениот мед!

Ова алармантно предупредување го издаде Европската пчеларска асоцијација по повод Светскиот ден на пчелите, 20 мај, во која се наведува дека се одбележува во „најтешкото време за пчеларството овој век“.

– Пазарот на мед е преплавен со фалсификати од 46% до 88%, во зависност од која земја во Европа. Потрошувачите имаат се помалку можност да добијат вистински мед, а пчеларите имаат се помалку можност да ги пласираат добиените пчелни производи поради ваквата нелојална конкуренција. Во некои региони пчеларите веќе масовно го напуштаат пчеларството поради неподносливата финансиска состојба. Се плашиме дека тоа ќе стане општ тренд доколку итно не се промени моменталната состојба. Откажувањето на пчеларите од пчеларството доведува до непроценливи штети на приносите во земјоделството, затоа што нема пчели без пчелари. Поради климатските промени пчелите не можат сами да преживеат – пишува во соопштението објавено на сајтот на Европската пчеларска асоцијација.

Фалсификуваниот мед е само шеќер

Од ова здружение предупредуваат дека мора итно да се работи на отстранување на фалсификуваниот мед од пазарот.

– На потрошувачите на мед мора да им се обезбеди вистински пчелен мед со сите придобивки што ги носи за виталноста и здравјето на луѓето. Фалсификатите се само шеќер и ништо друго, дури можат да содржат материи штетни за здравјето – нагласуваат од Европската пчеларска асоцијација.

ПОСЕБНО ОПАСЕН Е ВЕГАНСКИОТ МЕД

На сајтот на Европската пчеларска асоцијација пишува дека лажниот мед може да содржи неколку штетни материи опасни по здравјето на луѓето.

– Фалсификуваниот мед може да содржи дури и натриум хидроксид (каустична сода), вештачки ензими (кои се додаваат и во таканаречениот вегански „мед“ кој всушност не постои, бидејќи нема мед без пчели), вештачки вкусови, вештачки бои и нискoквалитетни шеќери, кои се додаваат при фалсификување и можат да претставуваат ризик за здравјето на луѓето. Во таков лажен мед нема ни најмала биолошка вредност што пчелниот мед му ја дава на човечкото тело – пишува на веб-страницата на Европската пчеларска асоцијација.

Посочуваат и дека потрошувачите имаат највисока гаранција за квалитет кога медот го купуваат директно од пчеларите од нивниот крај, а доколку го купат во продавница треба да внимаваат на земјата на потекло.