Општина Чаир расадник на дивоградби

374

Општина Чаир има поголем број на бесправно изградени градби споредено со легални. Тоа се должи на тоа што во општината не функционирало Одделение за инспекциски надзор од областа на градежништвото. Ова го констатирал Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам (ДИГУ) и оттаму нагласуваат дека градоначалниците на Општина Чаир не ги исполниле законските надлежности дадени со Закон за локална самоуправа, со што на територијата на општина Чаир е дозволено хаотично бесправно градење без тоа да се санкционира, согласно законските одредби од Закон за градење и Закон за инспекциски надзор, а во врска со Кривичниот законик поточно во согласност со чл.244-а.

– Градоначалникот на Општина Чаир имал законски можности да го избегне овој правен вакум, при што не назначил општински градежен инспектор кој би го спровел Законот за  градење и би спречил бесправно градење во самата  општина. Согласно чл.14 од Законот за локална самоуправа можел да склучи меѓуопштински договор со некоја од соседните општини кои имаат општински градежни инспектори или да овласти од постојната општинска  администрација – наведуваат од ДИГУ, потенцирајќи дека со дозволување на градби на колективни станбени згради без соодветни одобренија и на места каде тие не се предвидени со Детален урбанистички план, како и на државно земјиште што е преседан пар екселанс грубо се кршеле сите закони.

Тие потенцираат дека со таквите градби во Општина Чаир се доведува во опасност и нормалното функционирање на жителите со неможност за исполнување на минималните стандарди на хумана урбанизација.

До ДИГУ од 2010 година до крај на 2023 година биле пристигнати 327 претставки поднесени од страна на физички или правни лица од Општина Чаир Тие пријавувале бесправни градби или незапазување на законските одредби од Закон за градење при градење. Поради голем број на пријави в.д. директорот на Државен инспекторат за градежништво и урбанизам на 13.11.2023 година издал налог за вршење на вонреден инспекциски надзор во општина Чаир, при што е констатирано дека Општина Чаир нема назначено општински градежен инспектор. Поради тоа, ДИГУ до Министерство за транспорт и врски доставил Предлог за добивање на овластување за вршење на работите од надлежност на општински градежен инспектор во Општина Чаир.

Општина Чаир во период од 2013 година до крај на 2020 година има издадено во управна постапка 24 одобренија за градење, осум одобренија за надградба и доградба – Одобрение надградба на индивидуална куќа, 12 решенија за адаптација, четири решенија за пренамена, 47 решенија за реконструкција, како и едно решение за реконструкција со адаптација.

(А.П.)