Од вечерва до недела наутро голем дел од Скопје ќе остане без вода

136

Дел од Скопје утревечер од 21 часот до пет часот в недела ќе остане без вода. Од ЈП „Водовод и канализација“ информираат дека на градскиот водовод ќе се приклучуваат селата во Сарај, но и ќе се менуваат цевки на Водно.

-Заради решавање на долгогодишниот проблем со водоснабдувањето во 12 населени места во Општина Сарај, ќе се врши зафат за приклучување на мрежата, кој ќе почне в сабота во 21 часот и се предвидува да заврши до пет часот наутро в недела. Заради реализацијата на оваа реконструкција се очекува намалување на притисокот на водоснабдувањето за граѓаните во Општина Сарај и дел од Општина Ѓорче Петров – соопштија од „Водовод и канализација“.

Без вода ќе бидат и жителите од реоните Водно и Козле, Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, ЈЗУ Универзитетска клиника за респираторни заболувања кај децата Козле-Скопје, Вила Водно и резиденцијални објекти во реонот Водно. Од „Водовод“ велат дека во овие делови од Скопје ќе се реконструира водоводната мрежа во Центар, и тоа реон Водно, за да нема загуби на вода.

За покривање на потребите за вода за пиење во здравствените установи цистерни со питка вода ќе бидат поставени пред Клинички Центар „Мајка Тереза“ и Детската болница „Козле“. Исто така цистерни со вода за пиење ќе бидат подготвени во Дежурната служба на Водовод Скопје, кои на повик ќе гравитираат врз основа на потребите на граѓаните од реоните Сарај и Водно во периодот од 21 до 5 часот.