Поранешниот НБА кошаркар Нејт Робинсон (39) деновиве се бори за живот! На кошаркарот, кој се прослави по својата агресивност и експлозивност во НБА лигата, за да преживее му е потребна трансплантација на бубрег, а додека не се појави донатор кој би му го спасил животот, поранешниот кошаркар мора редовно да оди на дијализа, која му е неопходна.

Трикратниот шампион во забивање на Ол-стар викендот, иако е висок само 175 сантиметри, откри детали од неговата секојдневна борба. Според него, тој нема долго да живее доколку не се појави донатор кој ќе му даде бубрег.

  • Знам дека не ми преостанува уште многу ако не добијам нов бубрег. Нема да живеам уште долго. Затоа го користам секој момент колку што можам повеќе. Нечие тело одбива дијализа. Фала богу што моето не одбива, па можам да живеам. Да не одев на дијализа, немаше да преживеам ниту една недела. Сериозно е, не смеам да пропуштам ден. Одам три дена во неделата по четири часа. Ми ја прочистуваат крвта и ми ги вадат сите токсини. Тоа ми помага многу, бидејќи само така преживувам, изјави Нејт Робинсон.

Едно време, Нејт беше избран со 21. пик на драфтот во 2005 година, а за време на богатата НБА кариера играше за Њујорк, Бостон, Оклахома, Голден стејт, Чикаго, Денвер, Клиперс и Њу Орлеанс пред да почне да талка и да игра за неколку тимови ширум светот. Денеска повремено игра кошарка, но повеќе време поминува со своите најблиски пријатели.

  • Дијализата ми помага и сега само уживам во моментите кога сум здрав. Излегувам со моите деца, семејството, играм кошарка, сè што сакам. Се трудам да останам нормален, изјави поранешниот НБА кошаркар и додаде дека по играчките денови се обидел и со боречки спортови. Со прекарот „Криптонит“ влезе во рингот против јутјуберот Џејк Пол, кој го победи со нокаут во втората рунда.