Иако политичките субјекти се сконцентрирани на кампањите за двојните избори и повикуваат на масовна илезност, велејќи дека сè поголем број граѓани им приоѓаат и ги поддржуваат, аналитичарите не се толкави оптимисти за мотивацијата на граѓаните за излезноста од 40 отсто, што е предуслов за избор на претседател на државата во вториот круг на 8 мај.

Додека до првиот круг од претседателските избори на 24 април има уште една недела, во јавноста сè повеќе се споменува дека е можно во вториот круг од претседателските избори, мнозинството Албанци да немаат мотив да гласаат за претседател Македонец, поттикнати и од партиските лидери, а со тоа да нема ниту излезност.

Дека ова сценарио не е невозможно, потврди и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој деновиве ги повика СДСМ и Стево Пендаровски да го поддржат предлогот да се избрише цензусот за вториот круг претседателски избори за да нема можност никој да уценува.

–Стево Пендаровски наместо да прават тајни планови со оние од ДУИ, ги повикувам за национално единство и да застанеме заедно за уставна промена во која ќе го избришеме цензусот за вториот круг претседателски избори, да нема услов, да не може никој да уценува – рече Мицкоски.

Тој потсети дека во меѓувреме и Артан Груби го испорача условот на ДУИ за поддршка во вториот изборен круг. Тој кажа дека треба да се прифати избор на претседател во Собрание, за што е потребно и промена на Уставот, а дека гласовите од нивниот претседателски кандидат во вториот круг ќе одат на конто на тој што ќе го прифати овој услов.

– Нашата порака не е до курирот, туку до тој што го смислил тој услов и мисли дека на тој начин ќе мобилизира гласачи – нема да има таква уставна измена. Таква уставна измена не прифаќаме. Уште помалку ДУИ и тој што го смислил имаат можност да уценуваат – рече Мицкоски.

Но за разлика од Мицкоски, претседателскиот кандидат на ДУИ, Бујар Османи,  претходно изјави дека работи на тоа за да влезе во вториот круг, и нагласи дека неговата партија, која е владин партнер на СДСМ, нема да повика за бојкот. Сепак, подолг период се споменуваше можноста ДУИ да го бојкотира гласањето на 8 мај доколку партите од коалицијата не го подржат нивното барање претседател на државата да се избира во Собрание.

Политичкиот аналитичар Петар Арсовски, за весникот ВЕЧЕР, вели дека на 8 мај на вториот круг од претседателските избори не е исклучена можноста мнозинство Албанци да не го земат пенкалото во рака. Таквиот став тој го образложува со тоа што претходно најголемите партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ го одбија нивното барања за избор на претседател во Собранието. Арсовски вели дека на албанските партии им одговара да пропаднат претседателските избори.

-Теоретски е возможно да нема цензус зашто албанските партии нема да имаат свој кандидат во вториот круг. Притоа имаат барање за избор на претседател во собрание кој двете македонски партии го одбија. Ќе биде голем ризик да гласаат за кој било од кандидатите дури и со повик особено дека на албанските партии им одговара да пропаднат претседателските избори, зошто пропаѓањето на претседателските избори ќе покаже дека без Албанците не може да се избере претседател.  Значи дека нивните барања ќе мора да се разгледаат по избори, изјави Арсовски за весникот ВЕЧЕР.

Инаку без гласовите од Албанците, Арсовски оценува дека на избирачките места ќе треба да излезат сите гласачи кои дале поддршка за останатите претседателски кандидати во првиот круг и дека на тој начин ќе може  да има излезност од 40 проценти. Но според него тоа нема да биде лесна работа.

-За да им над 700 илјади гласачи колку што е доволно за да се исполни цензусот за излезност треба гласачите од сите партии кои ќе немаат кандидат во вториот круг да гласаат односно оние кои гласале за Максим од ЗНАМ, Ванковска од Левица и Јакимовски од ГРОМ да излезат и да гласаат или за Пендаровски, или за Силјановска-Давкова. Но, ќе биде тешко без албанските гласачи да се постигне цензус без малку невозможно, вели Арсовски.

Ако се случи да нема цензус, Арсовски вели дека постои опасност од институционална криза и повторување на изборната постапка сè додека не се избере претседател на државата. Тоа може да се одолговлекува во недоглед. Кога не е избран претседател, функцијата ќе ја обавува претседателот на Собранието.

-Има многу непознаници во тој случај. Кој ќе го даде следниот мандат за составување влада? Колку пати ќе се повторуваат изборите ?Можеби тоа не може да предизвика промена на изборниот модел за избор на претседател во собрание, но може да предизвика промена на изборниот модел да се намали цензусот, вели Арсовски.

Тој исто така оценува и дека цензусот од 40 проценти за вториот круг е нереален бидејќи нема доволно гласачи. Истражувања покажуваат дека во изминативе години во Македонија, меѓу 30 и 35 проценти од гласачите, воопшто не излегле да гласаат. Довербата на граѓаните во политичарите во континуитет со години наназад е проблем. За да се избере претседател во вториот круг неопходно е да излезат над 700 илјади гласачи.

(М.С.)