Иран ја активираше противвоздушната одбрана, Израелците напаѓаат?

831

Според иранските медиуми ситуацијата е безбедна и мирна, а официјален претставник на Иран за „Ројтерс“, изјави дека земјата во овој момент нема план за одмазда и дека не е потврден странски извор на инцидентот. Меѓународната агенција за атомска енергија, ИАЕА, соопшти дека на нуклеарните постројки во Исфахан нема штети и дека ситуацијата внимателно ја следат

Повторно тензично на Блискиот Исток, речиси една недела од иранскиот напад на Израел со околу 300 дронови и проектили. Според новинските извештаи Израел вчера возвратил, но Иран тоа не го потврдува, иако посочува дека вчера изутрина била активирана противвоздушната одбрана и се слушале експлозии.

Американски официјални лица за Си-ен-ен потврдиле дека изутрината цел на Израел бил Исфахан, седиште на воени и нуклеарни локации. Подоцна државната новинска агенција ИРНА објави дека Иран ја активирал противвоздушната одбрана над градот поради што се слушале експлозии. Според агенцијата ПВО дејствувала не само во Исфахан, туку во неколку ирански покраини, но не е наведена причината за тоа. Вишиот ирански командант Сијавош Минхадуст изјави дека одбранбените системи се активирале поради сомнителен објект и дека нема никакви оштетувања. Иранската државна телевизија пренесе дека се уништени три дрона, по што е активиран системот на противвоздушната одбрана.

Според иранските медиуми, ситуацијата е безбедна и мирна,  а своевидна потврда на тоа е повторното воспоставување на авиолетовите, кои привремено беа запрени веднаш по активирањето на противвоздушната одбрана.

Неименуван официјален претставник на Иран за „Ројтерс“ изјави дека земјата во овој момент нема план за одмазда. Меѓународната агенција за атомска енергија, ИАЕА, соопшти дека на нуклеарните постројки нема штети и дека внимателно ја следат ситуацијата. Преку платформата „Х“, агенцијата ги повика страните на екстремна воздржаност и ги предупреди дека нуклеарните постројки никогаш не би требало да бидат цел на воените судири.

Засега има само потврда дека вчера нешто се случувало на иранското небо, а сите останати информации околу тоа се прилично нејасни и контрадикторни. Така, „Ројтерс“ пренесе изјава на неименувани иранските претставници, кои велат дека не е потврден странски извор на инцидентот.

-Не утврдивме никаков напад однадвор, а истрагата повеќе е приклонета кон тоа дека некој се инфилтрирал, отколку дека е извршен напад кој дошол надвор од земјата, цитираше Ројтерс.

Од Израел вчера немаше никаква реакција во врска со случувањата во Иран, но оваа држава вообичаено не ги коментира нападите зад кои стои. Сепак, по иранскиот напад на израелска територија минатата недела претседателот на Израел Бенјамин Нетанјаху рече дека за кратко време ќе возвратат со напади кои ќе бидат насочени кон одредени цели и нема да предизвикаат никакви регионални импликации, што има совпаѓање со вчерашниот инцидент.

Веднаш по нападот на Иран реагираше италијанскиот министер за надворешни работи  Антонио Тајани, кој повика на апсолутна деескалација и најави дека на Капри ќе се одржи состанок на групата на седум светски економии (Г7), на кој ќе се разговара за кризата на Блискиот Исток.

Реагираше и претставничката на Европската Унија Урсула фон дер Лајен, која рече дека е апсолутно неопходно регионот на Блискиот Исток да остане стабилен и сите страни да се воздржат од понатамошни акции.

Кина, пак, кој е најголем трговски партнер на Иран и најголем увозник на иранска нафта соопшти дека ќе продолжи да игра конструктивна улога во деескалација на тензиите.

Напад и на Сирија

Сириската Опсерваторија за човекови права со седиште во Лондон соопшти дека вчера рано утрината израелските сили ја нападнале и позицијата на сириската армија на југот на земјата.

„Израелските напади беа насочени кон радарите на сириската армија меѓу провинциите Суеида и Дера“, изјавил директорот на опсерваторијата, Рами Абдел Рахман, и додаде дека нападите биле изведени во време кога израелски авиони интензивно летале над регионот Дера, како и дека сириската воздушна одбрана не се активирала.

Се откажуваат летовите за Израел

Меѓународни авиокомпании ги откажаа летовите кон и од Тел Авив, неколку часа по извештаите за израелски напад врз иранската воздушна база.

„КЛМ“, „Свис ер“, „Остриан ерлајнз“ и „Луфтханза“ ги откажаа денешните летови до и од Израел,  јавија израелските медиуми.

Распоредот на летовите беше нарушен во текот на минатата недела бидејќи авиокомпаниите реагираа на нападот со беспилотни летала и ракети од Иран врз Израел во саботата.