Дорис Димовска – музички талент за кој допрва ќе се слушне!

1823

Понекогаш е тешко да препознаете дека сте подобри од другите, а многумина не се ни свесни за сите таленти што ги поседуваат. Но, штом ќе го сфатите тоа, ќе ви биде уште поголем предизвик да најдете начини како да го искористите. За среќа, моќниот глас и талентот за пеење на младата тинејџерка Дорис Димовска ги забележале големите Ана и Игор Дурловски, а неколку години наназад Андријана Јаневска несебично го обликува нејзиниот огромен музички потенцијал. Под нејзино менторство, 14-годишната Дорис учествува на голем број домашни и интернационални натпревари, од каде што секогаш се враќа со награди. Освен тоа, таа веќе седум години е член на фолклорното студио „Етнос“. Пее и забавни и народни песни, оперски арии исто така, но сè уште трага по жанрот што најмногу ќе ѝ прилега. Нејзин идол е големата Селин Дион, пејачка со најмоќен глас, и сонува да го усоврши својот глас до таа мера да ја достигне нејзината светска слава.

Младешкиот сон на Дорис полека почнува да се реализира. Од импровизирани микрофони и замислена светска сцена, таа веќе чекори на домашните и на светските сцени. Во изминатиов период, имала забележителни настапи на Перформанс куп (Performans Cup) во Италија, на интернационалниот детски фестивал „Глас на ѕвезди“ (International Children’s Music Festival Voice of the Stars), кој се одржа во Загреб, како и на повеќе онлајн интернационални фестивали како што е „Златен глас“ (Golden Voice) на Малта, „Гласот на Афродита“ (Se-Aphrodite Voice) на Кипар, Културниот фестивалски карван (Culture Caravan festival) во Полска… но и на скопскиот Waf Contest, Art Festival во Кавадарци, каде што минатата недела ја освои специјалната прва награда. Иако на речиси секој интернационален натпревар на репертоарот ѝ се песни од албумите на нејзиниот музички идол, Селин Дион, на домашните натпревари и настапи Дорис речиси секогаш избира да изведе песна од огромната ризница на македонски народни песни. На годинашниот јубилеен концерт на матичното фолклорно студио, ги собра сите аплаузи за песната „Ој ти, момче охриѓанче“, а на патронатот на своето училиште „Димитар Поп Георгиев Беровски“ во Скопје, каде што годинава го завршува деветтото одделение, имаше фантастичен настап со „Заветна“, „Ваташа“ и „Моја Македонија“. Ја обожава сцената и вели дека особено ѝ се драги настапите на хуманитарни концерти. Менторите на Дорис велат дека ѝ претстои блескава кариера.

Младата Дорис е исто толку успешна и во училиштето. Таа е посветен и талентиран ученик и покрај многубројните активности што ги има. На прво место секогаш ѝ е училиштето. Бидејќи е полуматурантка, сè уште размислува дали да продолжи во средното музичко училиште или да се определи за друга професија.

– Многу сакам предизвици и се вложувам во секој од нив до максимум. Токму затоа, најверојатно, ќе го продолжам школувањето во сосема друга сфера, но музиката и натаму ќе остане моја најголема љубов. Паралелно, останувам и во музичкото училиште на Андријана Јаневска, под менторство на Андријана – изјави за весникот ВЕЧЕР младата Дорис.

Бидејќи е родена во Гостивар, вели дека едвај ги чека викендите, кои редовно ги поминува таму.

Во меѓувреме, подготвува настап за еден од нашите фестивали, но не сака да открие кој и во кое студио ќе ја сними композицијата.