Македонската женска ракометна репрезентација со победа и заверен пласман ги завршија евроквалификациите, откако славеа над Литванија на домашен терен со 34:24.

„Црвено-жолтите“ девојки со стил го заверија пласманот на континенталното натпреварување во меч, во кој немаше голем императив за победа, но факт е дека сите покажаа максимално залагање и огромна желба за триумф.

По оваа победа, своето задоволство кон залагањето на своите избранички го покажа и селекторот Кристијан Грчевски.

  • По долго време обезбедивме Европско првенство преку квалификации и тоа ептен заслужено. Многу усти затворивме со овој пласман и оваа победа и би сакал во иднина да дојдат да нè бодрат сите искрени навивачи. Секоја чест за девојките, полека се навикнувавме едни на други. Сега многу зависи од ждрепката на групи, а наша цел ќе биде да ја поминеме првата фаза. Задоволен сум од играта, речиси 40 минути игравме со младинска постава, која е нашата иднина. Кај сите девојки гледам простор за напредок, изјави Грчевски.

Македонија противничките на следниот континентален собир ќе ги дознае на ждрепката што ќе се одржи на 18 април.