Големи се шансите Ролан Гарос да е последен турнир за Надал – но, не се 100%

192
EPA-EFE/LUKAS COCH

Шпанскиот тенисер Рафаел Надал (37) во Париз изјави дека има големи шанси претстојниот Ролан Гарос да биде последниот на кој ќе учествува, но дека се уште не е 100 отсто сигурен!

Вториот Грен слем сезонава започнува в недела, а ривал на Шпанецот во првото коло ќе биде Германецот Александар Зверев. Надал е познат како „кралот на земја“ и во кариерата 14 пати го освои Отвореното првенство на Франција. Со оглед на неговите доцни играчки години и големите проблеми со повредите што ги имаше во текот на изминатата година, љубителите на тенисот претпоставуваат дека ова ќе биде „последен танц“ на поранешниот број еден во француската престолнина.

– Не претпоставувајте го тоа – низ насмевка изјави Надал на прашањето дали ова ќе биде неговиот последен Ролан Гарос.

Сепак, тој набрзо потврди дека има големи шанси тоа да биде така.

– Има големи шанси ова да ми е последен Ролан Гарос, но не е сто проценти. Нема да ви кажам дека е сто проценти, бидејќи не можам да предвидам што ќе се случи. Се надевам дека разбирате, поминав низ долг процес на опоравување, скоро две години страдање и опоравување од тешка повреда. Се чувствувам подобро отколку пред месец и половина, без сомнение. Затоа не сакам да ја затворам вратата и да кажам „сто посто“. Уживам да играм тенис, да патувам со моето семејство, да уживам со нив. Исто така, сè уште не сум видел како изгледа кога играм без ограничување. Дајте ми време, месец и пол, па да видиме како ќе се чувствувам. Не можам да гарантирам дека е последен – објасни Шпанецот, кој на 3 јуни ќе го прослави својот 38 роденден.