Меѓународната ракометна федерација (ИХФ) ја додели организацијата за светските првенства во 2029 и во 2031 година. Светското првенство во ракомет во 2029 г. заеднички ќе го организираат Франција и Германија, а две години подоцна, скандинавските земји Данска и Норвешка, како и Исланд.

Со оглед на тоа што ќе го организираат и СП во 2027 г., Германците ќе имаат две СП по ред. Нивната организација и полните сали никогаш не се под прашалник, но тешко можеше да се предвиди за двапати по ред. Годинава организираа и Европско првенство, каде што поставија нов светски рекорд по бројот на гледачи на еден меч. Од друга страна, женскиот турнир во 2029 година ќе се игра во Шпанија, Чешка и во Полска.