Г. Г. Стефан: Да ги зацврстиме единството и слогата, да ги чуваме нашата Татковина Македонија и нашата Македонска црква!

46

Христовото воскресение е смислата на нашето севкупно постоење! Тоа е стожерот околу којшто се одвива сиот наш живот и камен-темелникот врз којшто се гради сиот наш подвиг на верата, на надежта и на љубовта во Бога. Тајната на Христовото воскресение го преобразува и го вообличува севкупниот наш поглед кон светот и човекот, кон времето и вечноста. Зашто, токму ова спасоносно собитие е најголемата вистина којашто му беше објавена на човековиот род и токму оваа Тајна над тајните е најрадосното благовестие со коешто велегласно беше возвестена конечната победа на животот над смртта, на доброто над злото и на љубовта над омразата, пишува архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан во Велигденското послание.

Потсетува на историјата на огромните подеми и падови, како на црковен, така и на национален план, кои македонскиот народ, како што вели, „со Божја помош и поткрепа, успевал и сè уште успева достоинствено да ги извојува сите битки и да им одолее на сите непријателски настроенија, исполнети со лукави намери и со зли цели; и, притоа, со крената глава да продолжи по патот кон Бога – кон Изворот на добрините и на правдата“.

-Та, кој ќе се осмели да нè оспори како македонски народ и како македонска држава!? Со кое право некои сè уште се обидуваат да ни ги одрекуваат историјата и традицијата, јазикот и верата, кога сета македонска почва е напоена со просветителските дејанија на македонските црковно-просветни дејци, со истрајноста на сите наши родобранители, со крвта на недобројните наши маченици и со благоверието на мноштвото исповедници и поборници за зачувување на Православието на ова свето македонско тло!? Но, како што не потклекнаа нашите прадедовци, така и ние – како нивни потомци и како доследни пазители на аманетот доверен од нив – да не дозволиме отстапки пред оние коишто постојано посегнуваат по нашето најсвето; пред оние што гледаат да го зграбат она што со векови макотрпно е градено и коешто е сочувано до денешни дни. Наша должност и обврска треба да ни биде да им се спротивставуваме на сите оние што на секаков начин се трудат да ни го одземат она за коешто се дадени многу жртви и коишто се желни да ни ги приграбат: и историјата, и земјата, и културата, и јазикот и сè што е наше – македонско, вели македонскиот архиепископ. Порачува, што е можно побргу, да се освестиме и да се обединиме како народ, и молитвено да притекнеме кон Бога и кон закрилникот на нашата најсвета автокефална Охридска и Македонска црква – кон светиот Климент Охридски, та, по примерот на нашите предци, да се избориме со сите неприлики со кои катадневно се соочуваме. Но, сето ова ќе го постигнеме само ако си ги зацврстиме единството, слогата и сплотеноста, односно само ако трајно ги надминеме внатрешните разногласија и меѓусебните поделби и несогласувања.

Предочи дека годинава се одбележуваат повеќе годишнини изнедрени од пазувите на нашето богато и славно минато меѓу кои Беласичката битка од 1014 година, Првото заседание на АСНОМ во 1944 година како и 860-годишното постоење на велелепниот манастир „Свети великомаченик Пантелејмон“ во Нерези, Скопско, како и 100-годишнината од замонашувањето на возобновителот на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква – блаженоупокоениот архиепископ Доситеј.

-Еве, токму овие незаборавни настани нека ни бидат силен поттик за обнова на нашата црковно-национална самосвест, а истовремено нека ни бидат и постојани потсетници за она за коешто се бореле многу наши поколенија, а за коешто останува и ние да продолжиме да ги чуваме – нашата Татковина Македонија и нашата Македонска Црква, вели г.г. Стефан во велигденската честитка до сите православни христијани.