ЕЛИТАТА Е ПОБОГАТА ОД БИЛО КОГА: Тејлор Свифт и се придружи на листата милијардери

349
EPA-EFE/SARAH YENESEL

Пејачката Тејлор Свифт за прв пат се најде на листата на најбогати луѓе во светот, според Форбс. Американската поп ѕвезда се најде на листата на Форбс со имот проценет на 1,1 милијарда долари, заедно со Сем Алтман, креаторот на четботот за вештачка интелигенција ChatGPT, чие богатство се проценува на 1 милијарда долари.

Првото место на листата, со богатство од 233 милијарди долари, повторно го зазеде францускиот бизнисмен Бернар Арно, кој заедно со семејството е сопственик на холдингот LVMH кој ги обединува производителите на луксузни стоки.

Форбс објави дека во 2024 година ќе има рекорден број милијардери – 2.781, што е за 141 повеќе од претходната година и за 26 повеќе од претходниот рекорд од 2021 година.

Форбс додава дека елитата е побогата од кога било и дека нивното вкупно богатство е 14,2 трилиони долари. Свифт се најде на листата на најбогати луѓе во светот откако се стекна со статус на музичка мегаѕвезда.

Оваа година таа стана и првата изведувачка која четири пати ја освоила наградата Греми за албум на годината. Нејзиниот албум 1989 (верзија на Тејлор) беше најпродаваниот рекорд во 2023 година.

Но, успехот на поп-ѕвездата не е ограничен само на светот на музиката.

Гледаноста на американскиот фудбал порасна откако таа почна да доаѓа на натпревари за да го гледа и да го бодри своето момче Тревис Келче, играч на Канзас Сити Чифс, овогодинешниот американски шампион во НФЛ.

Осум од десетте најбогати луѓе се од САД, а шест од нив своето богатство го стекнале во светот на технологијата.

Втор на листата на Форбс е Илон Маск, технолошки претприемач, основач на Tesla, Space X и сопственик на социјалната мрежа X, со 195 милијарди долари, а трет е основачот на Amazon, Џеф Безос (194 милијарди долари).

Богатството на Маск се зголеми за осум отсто во однос на минатата година, но падна во споредба со ноември 2021 година.

Тогаш тој стана првиот човек со богатство од повеќе од 300 милијарди долари.

На четврто место е шефот на корпорацијата Мета Марк Цукерберг (177 милијарди долари), кој благодарение на растот на акциите на компанијата успеа да го зголеми своето богатство за 116 милијарди долари.

Листата на првите пет ја затвора еден од основачите на Oracle, Лери Елисон (141 милијарди долари).