Џентлмени на мотори – Скопје за миг доби лик на светска метропола   

4122

Урбани моторџии облечени во елегантна облека (палто, елек, вратоврска, елегантни чевли и задолжително кацига за безбедност), со своите уникатни мотори, денеска по деветти пат продефилира низ Скопје, впрочем како и секоја година досега, обидувајќи се да ја издигнат свеста за машкото здравје и за превенцијата од ракот на простата.

Тие се дел од глобалното движење „Возење на истакнати џентлмени“ (The Distinguished Gentlmens Ride), кое годинава се одржа во 959 града низ светот, со учество на 90 илјади мотоцикли од 105 држави.

Скопје е дел од ова движење од 2016 година. До лани учествуваа 1.172 учесници, а годинава беа најавени околу 170 учесници од Скопје, но и од другите градови од државата и гости од Косово.

Меѓу нив имаше доктори, професори, личности од јавниот живот кои, како и секоја година, донираат средства за фондацијата „Мовембер“ во Лондон, за борба против ракот на простатата. До лани беа собрани 18.836 евра.

Глобалното движење почна по иницијатива на Марк Хава во 2012 година, во Сиднеј, кога тој, заедно со своите пријатели, продефилира низ улиците на градот во чест на свој пријател кој починал од рак на простатата. Оттогаш движењето станува помасовно секоја година.

Од основањето на „The Distinguished Gentlmens Ride“ досега, собрани се 50,2 милиони долари на светско ниво, кои се донираат во институции и во болници што се фокусирани на борбата за заштита на машкото здравје и борбата против ракот на простатата.

Фото: Петр Стојановски