Се монтираат реквизити за забавен парк пред спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Карпош, меѓу кои и панорамско тркало, без соодветни документи и дозволи и без потребна документација, која гарантира безбедност, обвинуваат од Град Скопје.
Оттаму известуваат дека се работи за правното лице „Дизниленд реквизити“, фирма од Чаир, која била регистрирана пред само еден месец.
Од Град Скопје додаваат дека во рамките на своите надлежности, извршиле надзор и презеле мерки и при тоа го казниле правното лице, но нагласуваат дека тој, сепак, насилно продолжува да работи.
– Ги повикуваме надлежните институции и апелираме да постапат во најкус можен рок, бидејќи се доведува во прашање безбедноста на децата и на сите други посетители поради практикувањето на ваквото самоволие – велат од Град Скопје.
Никола Митевски, сопственик на фирмата „Дизниленд реквизити“, во изјава за телевизија „24“ ги негира сите обвинувања. Тврди дека ги поседува сите потребни документи.