Бесплатен џез-концерт на „Парусион Груп“

60

Општина Кисела Вода ги поканува сите жени на концерт во Домот на култура „Билјана Беличанец”, во чест на 8 Март.

В четврток, на 7. 3. 2024 година, со почеток во 20 часот, пред публиката ќе се претстави македонскиот џез-состав „Парусион груп” со неколку периоди од своето творештво. Премиерно ќе биде изведен новиот материјал „Feel the grooves”, типичен за звукот на денешницата, како и проектот „Агол” од минатата година.

Составот „Парусион груп” е предводен од Михаил Мишко Парушев, кој е композитор и свири на ударни инструменти. Член на меѓународно признатиот музички бенд „Леб и сол“. Во 1992 година е прогласен за најдобар тапанар на „Скопскиот рок-фестивал. Почнувајќи од 1989 година па сè досега, тој настапува низ целиот свет со врвни музичари.

Како инструменталисти во „Парусион груп”, покрај Михаил Парушев на тапаните, в четврток, ќе настапат врвните: Зоран Костадиновски на гитара, овој пат Јован Цветковиќ на пијано, Дионис Стратров на бас и Петар Колевски на кларинет и саксофон. Општина Кисела Вода и „Парусион груп” канат на прекрасна музичка вечер за уживање во традиционалните македонски ритми, но со современ звук. Влезот е бесплатен.