Бербата на малини во Србија започнува за неполн месец – се бараат сезонски работници: Еве колку е дневница!

1339

Бербата на малини во западна Србија започнува за нешто помалку од еден месец. И додека се уште се шпекулира со цената на малините, веќе се познати дневниците на сезонските работници. Априлскиот мраз ја преполови годинешната реколта во западна Србија, а тоа што ќе остане ќе го наберат сезонските работници за дневница која нема да биде помала од четири илјади динари (околу 2.000 денари), пишува Еуроњуз Србија.

Малинарот Радојко Бујошевиќ од Трешњевица кај Ариље за Еуроњуз Србија вели дека ќе вработи 40-45 работници за дневница од 5.000 до 6.000 динари.

„Толку ќе биде сигурно, зависи дали ќе бидат сместени кај мене, или ќе патуваат дома“, додава тој. Просечен берач може да бере 50 килограми малини дневно, но до такви работници денеска е тешко да се дојде.

„Добар работник вреди злато. Не е малку да се плати и 5.000-6.000 динари, но ги нема. Не би ме чудело да почнат да ги носат Кинезите, да почнат и тие да работат, бидејќи тие се малку побројни од нас“, вели друг одгледувач на малини од овој крај.  Припадничките на понежниот пол кои берат малини уриваат рекорди, со до 80 килограми собрани плодови. Тешко е маж да стои во место 10-12 часа. Жените се многу подобри берачи, според мене тие работат повеќе“, изјави за Euronews Србија одгледувачот на малини Милан Бујошевиќ.

Претседателот на Здружението на одгледувачи на малини на Србија, Добривоје Радовиќ, за Еуроњуз Србија вели дека сите знаат колкава ќе биде платата на берачите, но цените на малините не се познати.

„Прво да видиме дали ќе има нешто за берба и колкава ќе биде цената на малините, во овој момент видовте дека имаме од 50 до 70 отсто помалку малини на пазарот во цела Србија, не само во Ивањица. И тоа е најголемиот проблем“, рече Радовиќ.

Тој смета дека лани биле „ограбени“ земјоделските производители со цена од 200 динари.

„Нешто реално во оваа 2024 година е 400 динари на сметка на малинарите со тенденција на раст на цената“, вели Радовиќ.

Цената на малините пред две години се движеше од 500 до 600 динари, а Радовиќ смета дека оваа цена била реална, наведувајќи дека тогаш имало малини.