Во Нишка Бања денеска е откриен споменик на славниот актер Љубиша Самарџиќ, најмногу препознатлив по улогата на Шурда во култната југословенска серија „Жежок ветар“.
Споменикот на починатиот актер, дело на српскиот вајар Дејан Здравковиќ, го откри неговата сопруга Мирјана Самарџиќ заедно со нивните внуци.
„Во оваа бања прв пат дојдов пред повеќе од половина век да се вериме со Љубиша и паметам дека беше полна со цвеќиња и со сонце. Тоа ми беше најубав ден во животот…или бев вљубена, па се ми беше убаво. Подоцна редовно доаѓавме кај пријателите на Љубиша од младост, така што Нишка Бања има посебно место во нашите животи. И затоа ми е посебно мило што токму на ова место ќе има негов споменик“ – со многу емоции раскажа Мирјана Самарџиќ, пренесува Novosti.rs
Љубиша Самарџиќ всушност е роден во Скопје, но нишлии се посебно горди на фактот што славниот актер детството и младоста ги поминал во ова живописно одморалиште бидејќи неговиот татко работел во блискиот рудник. По смртта на татко му, Љубиша и помагал на неговата мајка во водењето на фамилијарната слаткарница се додека не се вивнал во актерските води, а подоцна стана и еден од најславните и најомилени актерски ликови на овие простори.