Албанскиот Парламент усвои Резолуција за Украина

64

Албанскиот Парламент вечерва на пленарна седница, со 123 гласа „за“, ниту еден против и воздржан, усвои Резолуција за поддршка на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина и заштитата на принципите на меѓународното право и европската безбедност.

– Албанија остро ја осудува руската воена агресија врз Украина и сериозното кршење на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина од страна на Руската Федерација, како чин што го нарушува меѓународниот поредок. Истовремено, ја промовира и поддржува дипломатската активност и мерките преземени од албанската влада, во координација со нашите стратешки сојузници, САД и ЕУ, за поддршка на суверенитетот на Украина и принципите на европската безбедност и глобалниот ред на односите меѓу државите, стои во документот.

Резолуцијата поддржува економски санкции и дипломатски мерки преземени од стратешките партнери против Руската Федерација и воена и хуманитарна помош за Украина и нејзиниот народ.

Од друга страна, резолуцијата бара итен прекин на употребата на сила од страна на Руската Федерација во Украина и повлекување на руските воени сили од територијата на Украина според меѓународно признаени граници.

– Собранието бара од Владата да се продолжи ангажманот, во тесна координација со сите сојузници и земји партнери во НАТО, ЕУ, Советот за безбедност на ОН, ОБСЕ, СЕ, во балканскиот регион и со другите партнери, за поддршка на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина и принципите на меѓународното право и европската безбедност, се наведува во Резолуцијата.

Се посочува дека приоритетно е да се зајакнат напорите за европска интеграција на земјата и регионот како незаменлива поддршка за одржување на безбедноста и стабилноста во Европа.

Седницата ја следеше и украинскиот амбасадор во Тирана, Володимир Шкуров, а во знак на поддршка дел од пратениците носеа маички со знамето на Украина.