Повеќе од 300 цивили се убиени во бомбардирања во Етиопија во последните три месеци

20

Повеќе од 300 цивили се убиени од крајот на ноември во повеќе воздушни напади во северна Етиопија, каде има војна, особено во провинцијата Тиграј, соопшти денеска Високиот комесаријат за човекови права на ОН.

Во говор пред Советот за човекови права на ОН, високата комесарка на ОН за човекови права

Мишел Башелет истакна дека состојбата со човековите права и безбедноста е „значително влошена“ од крајот на ноември 2021 година.

Таа изрази особена загриженост поради големиот број воздушни напади извршени од етиопските воздушни сили, главно во Тиграј, но и во соседниот Афар.

Високиот комесаријат регистрира „304 загинати и 373 ранети во бомбардирањето во наведениот период“, рече таа.

Напади врз цивили и цивилни цели извршиле и други страни во конфликтот, вклучително и тигрјските бунтовници од Фронтот за ослободување на тиграјскиот народ (ТПЛФ).

Конфликтот во Тиграј почна во ноември 2020 година кога етиопскиот премиер Абиј Ахмед таму ја испрати федералната армија за да ја собори регионалната влада што ја држеше ТПЛФ, партија која ја имаше власта во Адис Абеба меѓу 1991 година и доаѓањето на Аби во 2018 година и која со месеци ја оспоруваше неговата власт.

Во конфликтот досега загинаа илјадници луѓе, милиони се раселени, а стотици илјади се на работ на гладување, соопшти ОН.

Башелет, исто така, повика на тревога поради многу информации за силувања и сексуално насилство.

Само од 1 ноември до 5 декември „тиграјските сили извршиле 306 силувања во провинцијата Амхари“, соопшти ОН.

Поради конфликтот, испораката на хуманитарна помош за Тиграј е прекината, рече таа и ги повика сите страни да отворат „неограничен пристап до хуманитарна помош во погодените области“.